ДА ЈА ИСТЕРАМЕ ОВАА ГОДИНА, ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ИМА КОГА ДРЖАВАТА ЌЕ МОЖЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА

    ДА ЈА ИСТЕРАМЕ ОВАА ГОДИНА, ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ИМА КОГА ДРЖАВАТА ЌЕ МОЖЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКАМинистерката ги повика наставниците да постапуваат со истата пасија која ја имале кога се запишале на факултетот. (Фото: Влада на РСМ)

    Министерката за образование и наука Весна Јаневска, вели дека сака платите на наставниците уште утре да им се покачат за 30 отсто, но оти тоа не е можно поради испразнетиот буџет во Министерството за образование и наука (МОН).

    Јаневска со премиерот Христијан Мицкоски беше на поставување на камен-темелник на изградба на спортска сала во Огњанци, во Општина Петровец, и одговорајќи на новинарски прашања за покачувањата на платите на наставниците, таа кажа дека ги разбира и поддржува, но тоа не е можно оваа година.

    „Јас сум наставник, премиерот до кој стојам е наставник. Ние двајца, еве ќе зборувам во мое име, точно ги знам предизвиците со кои се соочуваат наставниците. Верувам дека знаат дека ако некој сака тие да имаат подобар стандрад, тоа сме ние. Јас не сакам да им се покачи за 3 проценти, сакам да им се покачи за 30 проценти уште утре кога тоа би било можно.  Меѓутоа, она што го наследивме во буџетот на МОН  е едногодишен буџет кој е истрошен за пола година, необезбеднеи плати за наставници, за професори, се соочив со огромна дупка, неисплатени стипендии, парична помош за ученици, необезбедни учебници за повеќе години и предмети, неисплатени превози“, рече министерката.

    Таа ги повика наставниците да постапуваат со истата пасија која ја имале кога се запишале на факултетот, кога ја посакале професијата.

    „Да ја истераме оваа година со таа нивна волја и желба, да придонесат за знаењето на учениците, за напредокот на државата. А она што им следува секако ќе го добијат кога државата ќе може. Јас како министер грчевито ќе се борам тоа да биде повеќе“, додаде Јаневска.

    На 8 август, министерката кажа дека повисоки плати за наставниците во основните и средните училишта ќе има во 2025.

    „Согласно колективниот договор и во зависност од тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП), наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата. За жал, буџетот на Министерството за образование и наука годинава е во минус од 5 милијарди денари, во таква состојба го наследивме и тоа е причината поради која немаме можност веднаш да интервенираме“, рече таа на 8 август.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира