Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ денеска во Собранието дадоа свечена изјава за нови членки на Судскиот совет пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честиташе на новите колешки и рече дека тие претставуваат додадена вредност за Советот. Според него, со нивното доаѓање институцијата ќе може да застане на здрави нозе и соодветно да ја остварува својата функција.
Јошевска-Анастасовска по чинот на потпишување изјави дека денешниот чекор е преземање на лична одговорност. Таа очекува дека преку заедничка работа ќе успеат да изградат силна институција. Таа вели дека е неопходно храбро, отчетно и трпеливо движење во позитивен правец за да започне враќањето на довербата во судството, додавајќи дека е дојдено време за интегритет и одговорност.
Како еден од првите приоритети, таа го посочи почетокот на спроведувањето на новиот Закон за Судски совет. Јошевска-Анастасовска смета дека е неопходно итно да се донесат сите подзаконски акти поврзани со законот, што треба да послужи како цврста основа за идното дејствување на институцијата со нови сили.
Судскиот совет е составен од 15 членови: осум се избираат од редовите на судиите, тројца ги именува Собранието, а двајца се на предлог на претседателот на државата. Членови по функција, но без право на глас, се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Мандатот на членовите е шест години, со право на уште еден избор.



