ЛАПТОПОТ НА ГРУЈЕВСКИ ОД КОЈ ПРИСЛУШУВАЛ ЗЕМЕН ДОДЕКА БИЛ ВО ПРИТВОР, НА МИЈАЛКОВ ГО НЕМА ЗАШТО СИ ЗАМИНА ОД УБК ПРЕД ДА ВЛЕЗЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ПРЕТРЕС

    ЛАПТОПОТ НА ГРУЈЕВСКИ ОД КОЈ ПРИСЛУШУВАЛ ЗЕМЕН ДОДЕКА БИЛ ВО ПРИТВОР, НА МИЈАЛКОВ ГО НЕМА ЗАШТО СИ ЗАМИНА ОД УБК ПРЕД ДА ВЛЕЗЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ПРЕТРЕСОбвинителката Ленче Ристоска денеска на „Тврдина-Таргет“ изведе дополнителни докази и вештачења за да го побие тврдењето на обвинетиот Сашо Мијалков дека се прислушувало надвор од УБК. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот процес за незаконското масовно прислушување кое ги брои последните свои рочишта и е веќе на самиот крај (кај завршните зборови и пресудата), продолжи денес со дополнителни докази на Обвинителството и на обвинетите, кои произлегоа од сè што беше досега кажано и поднесено како доказ за овие две и пол години колку што трае.

    Веднаш откако на минатото рочиште обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков кажа дека во 2014 година при презентација во Управата на израелска опрема за следење комуникации, со лаптоп и антена биле лоцирани три прислушни уреди кои биле во моментот активни, а не биле на МВР, обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов експресно реагираа да го побијат тоа тврдење дека се прислушувало надвор од УБК.

    Приложија и вештачење на одземениот компјутер на избеганиот Горан Грујевски, затоа што одбраната неколку пати забележа од каде обвинителството тврди дека Горан Грујевски и Сашо Мијалков со лозинки директно преку компјутерите од своите кабинети во УБК, влегувале во системите за прислушување и самите прислушувале телефонски разговори, кога нивните компјутери не биле вештачени.

    При влезот на СЈО во УБК со судски налог за претрес најден бил само компјутерот на Грујевски, кој тој момент беше во притвор, додека компјутерот на Мијалков не бил најден, бидејќи уште претходно тој си даде оставка од директорската функција во УБК. Незаконското прислушување од канцеларија од негова страна, тврди Обвинителството, е утврдено на друг начин.

    Мијалков на минатото рочиште негираше дека некогаш во 9-годишниот мандат се вклучил во системот за следење на комуникациите, бидејќи, како што кажа, компјутер тој и не користи. Дури и мејловите, рече, ги читал од мобилниот телефон.

    Побивањето на теоријата дека се прислушувале граѓани, политичари и новинари од друго место, а не од УБК, обвинителите, според најавата, ќе го сторат на следното рочиште во вторник.

    Денеска беше презентиран и извештај, попис на се она со кое располага обвинителството од прислушувани разговори. Пописот го направил Државниот обвинител Љубомир Јовески, па според пребројувањето, СДСМ на СЈО му дал вкупно 581.468 прислушувани разговори на хард диск и тој прецизиран податок влезе во предметот. Пописот ги содржи сите прислушувани броеви што се добиени од СДСМ, со датум на остварените комуникации.

    Во еден момент обвинетата Гордана Јанкулоска праша:

    „А за смс пораките имате? Некако мала е бројката што ја прикажувате”.

    Јанкулоска е еден од најприслушуваните функционери во владата на Никола Груевски, и таа кажа дека е оштетена. Таа не е дел од обвинението за незаконско прислушување, туку се товари што потпишала да се уништи опремата со која се прислушувало без судски налог од 2008 до 2015 година, за да се скријат трагите.

    Во понеделник ќе се вештачи, утврди, точната вредност на незаконски уништената опрема.

    „СМС пораките се сите во еден фајл”, и одговори Ристоска.

    „Ова не е изведување доказ, ова е покажување. Не знаеме ни на која околност се предлага. Одбраната гледа само бројчиња и скратеници кои се текст од компјутерски јазик, и ништо повеќе. Никој не знае каква содржина има внатре, а треба да се носи одлука врз база на овој доказ”, реагираше адвокатот Петар Василевски.

    „Од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија беше формирана комисија, која направи попис на разговорите, на податоците на хард дисковите во СЈО. Беше извршено и излистување на разговорите. Бевме известени за констатираната фактичка состојба од она што е најдено во сефовите. Пописот беше извршен со форензички алатки. Со оглед на тоа дека излегоа повеќе од она што ние првично како доказ сме го доставиле, сметавме дека треба да прецизираме. Одбраната бараше доказ од каде произлегуваат овие податоци. Всушност, со кои се разговори располага СЈО до моментот на поднесување на обвинението, па еве податоци во дополнение”, кажа Ристоска, а судот го прифати овој доказ.

    Натаму Ристоска и Пеливанов ги доставија и судските наредби од Врховниот суд, Основниот кривичен суд Скопје и од Штипскиот основен суд, за следење на комуникации во 2015 година. Ги набавиле од Агенцијата за национална безбедност, зашто УБК за време на истрагата не им ги дала.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира