ЈОВЕСКИ НЕ Е СУД ДА КАЖУВА ДАЛИ ПРЕТРЕСОТ КАЈ АРАФАТ БИЛ ЗАКОНСКИ, А ТОЈ ПАК ПОДНЕСУВА САМО ПРЕТСТАВКИ, А НЕ ЖАЛБА ДО СУДОТ, ВОЗВРАТИ РУСКОВСКА

    ЈОВЕСКИ НЕ Е СУД ДА КАЖУВА ДАЛИ ПРЕТРЕСОТ КАЈ АРАФАТ БИЛ ЗАКОНСКИ, А ТОЈ ПАК ПОДНЕСУВА САМО ПРЕТСТАВКИ, А НЕ ЖАЛБА ДО СУДОТ, ВОЗВРАТИ РУСКОВСКАРусковска смета дека за евентуална повреда на постапката од нивна страна, одлучува судот, а не Државниот јавен обвинител. (Фото: СДК.МК)

    Ни Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески, ниту вишите јавни обвинители имаат прaво да се мешаат во работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, возвраќа шефицата на ова обвинителство Вилма Русковска. 

    Претходно Јовески во јавноста се огласи со заклучоци дека Русковска во случајот Претрес во Финансиската полиција (УФП), потпишала да се изврши таму незаконски претрес.

    Дека постапката била незаконска, Јовески децидно го објасни тоа, а првенствено истакна дека Русковска, односно трите обвинителки кои ја водат постапката, му дале погрешни информации на судијата на претходна постапка, за да ја потпише наредбата за претрес кај директорот Арафат Муареми. Јовески меѓу другото кажа и дека освен одделот за постапување со кривични дела од лица со полициски овластувања, никој друг нема право на такво нешто.

    „Прашање е дали директорот на УФП има полициски овластувања, со оглед на тоа дека него го именува Владата”, вели Русковска.

    Таа смета дека за евентуална повреда на постапката од нивна страна, одлучува судот, а не Државниот јавен обвинител. За да се покрене такво нешто, продолжува таа, треба да биде поднесена жалба до судот, во случајов од директорот Муареми, но тој не поднел.

    „За наодите на Јавниот обвинител на РСМ разбравме од медиумите. Сметам дека најпрво ние требаше да ги добиеме. Не е добро една иста институција да се расправа преку медиуми. Што се однесува до наодите, согласно член 56 став 4 од Законот за јавно обвинителство, Јавниот обвинител на РСМ и вишите ЈО, немаат право да се мешаат во постапувањето по конкретен предмет. Ова значи дека од Јавното обвинителство на РСМ излегле надвор од законот”, категорична е Русковска.

    Таа го учи Јовески дека  Обвинителството е само странка во постапката и не е суд.

    „Дали барањето  за претрес е законито, одлучува Судот, а не Јавниот обвинител. Тој е само странка во постапката”.

    Русковска во продолжение во изјавата за САКАМДАКАЖАМ.МК вели: „Ако некој смета дека наредбата за претресе незаконска или има недостатоци,  можел да вложи жалба до кривичниот совет во Основниот кривичен суд, а жалба не е вложена”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира