Кај 50 проценти од општата женска популација останува неоткриен и недијагностициран полицистичниот оваријален синдром (ПЦОС), а се јавува кај 10-15 проценти и затоа е потребна добра информираност за ова сериозно заболување, велат од Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во чест на одбележувањето на септември како меѓународен месец за кревање на свесноста за синдромот на полицистични јајници.
Оттаму аплераат дека станува збор за сериозно репродуктивно, генетско, хормонално и метаболно заболување кое се јавува кај девојчиња и жени. Воедно и водечка причина за женска неплодност и причинител за други заболувања, како што се дијабетес тип 2, обезитет, кардиоваскуларни заболувања, анксиозност, депресија и ендометријален карцином.
„Потребна е добра информираност до целата женска популација во однос на ПЦОС, да бидат едуцирани за овој проблем, да знаат дека постојат специјалисти кои работат со оваа проблематика, заради навремено откривање и можност за лекување и избегнување други придружни заболувања, со максимална поддршка за подобрување на квалитетот на репродуктивниот и севкупно, животот на секоја жена“, велат од ГАК.
Половина од жените со ПЦОС пред 40-годишна возраст развиваат шеќерна болест (дијабетес тип 2 или предијабетес), а кај сите жени со ПЦОС, ризикот за добивање ендометријален карцином се зголемува за трипати, во однос на здравата женска популација. Основите на ова заболување се јавуваат уште во детската возраст преку зголемната телесна тежина и лошите хигиено-диететски навики.
Симптомите на ПЦОС се: нередовни, ретки или отсутни менструации, овулаторна дисфункција-ановулација, инфертилитет (неполодност), ултразвучно детектирани полицистични јајници, пелвична болка, хирзутизам, губење коса, инсулинска резистенција, зголемена телесна тежина, главоболка, анксиозност, депресија и проблеми со спиењето.
„Дијагностицирањето и третманот на ПЦОС е полно со предизвици кои се дефинираат според специфични критериуми и мултидисцилинарен пристап (гинеколог, ендокринолог, педијатар, дерматолог, психолог/психијатар и други специјалности).
На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство работи тим од гинеколози, кои на одделот за инфертилитет и асистирана репродукција и на одделот за репродуктивна ендокринологија со детска и адолесцентна ендокринологија, дијагностицираат и третираат пациентки со ПЦОС од најмлада возраст.