Обвинителството и МВР му фатија 350.000 евра на судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд во Скопје кои биле соѕидани во ѕидот на куќата на неговите повозрасни родители во Неготино. Но, ѕидовите и натаму се прекопуваат, се бараат уште пари на Ристов, за кого со години граѓани, но и негови колеги зборуваат дека зема мито од странки за да ги ослободува од притвор или казни, да им дава олеснителни околности, да чува предмети и друго.
Обвинителството тргнало од сомневањето дека парите ги зел како мито од адвокатот во притвор Феми Стафа, кој, пак, му ги дал во име на обвинетиот бизнисмен Љупчо Пецов викан Ѓаволот, кој до неодамна беше во бегство.
Повеќе од еден месец судијата Ристов немал телефон, велат негови колеги судии од Скопска апелација. Тие немале како да го контактираат за работа. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не знаат дали му го одзеле истражителите од форензика или пак кога чул дека истрагата се проширува, тој самиот го уништил.
Судиите се изненадени од колегата, ама и не се, зашто за Ристов подолго време се шпекулира дека зема мито. Повторуваат дека поединци го брукаат судството и му ги снижуваат оценките кај граѓаните.
„Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот, за кој постојат сомненија дека е прибавен, меѓу другото, со дејствија на корупција и трговија со влијание“, кажа Обвинителството, додавајќи дека уште пред повеќе од еден месец го има Ристов под истрага.
Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побарал и ја обезбедил од надлежниот суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.
Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција.
Она што изненадува е дека по претставка за наводно земено мито од обвинетиот Исмет Гури од ДУИ, Судскиот совет (освен две членки на Советот, кои гласале против) со мнозинство гласови го спасил судијата Ѓоко Ристов.
Но, по анонимно известување од вработени во Апелациониот суд Скопје, истото мнозинство на Судскиот совет (освен двата гласа кои биле против) повторно го спасува на начин што не формира веднаш тричлена комисија за да ги испита страотните коруптивни наоди против судијата Ристов, туку два-три месеца предметот го држи во фиока.
Колегите против Ристов меѓу другото навеле и дека наводно притворските предмети ги чувал во фиока и не ги решавал додека не обезбедел пари од притворените. Но, и дека ако успеал да земе пари за предмети за кои е известител, тие папки ги држел во шкаф додека предметот не застари.
С. К. ДЕЛЕВСКА



