Каков и да биде договорот со Грција за спорот за името, пријателите на оваа држава ќе продолжат да ја викаат Македонија и ќе го признаваат македонскиот јазик, рече професорот Даниел Сервер и експерт за Балканот, на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања.
„Дури и да ги направите сите реформи што ги бара Европската унија, дали Атина сè уште ќе биде проблем? Да. Имате два начини за понатаму: едната е надолна спирала и да бидете ранливи од Русија, нешто што ќе донесе поделби, а другата е спирала која носи нагоре и прифаќање на условите за влез во ЕУ и во НАТО. Сега единствениот начин за влез во ЕУ и во НАТО е преку Атина. Знам дека е тешко и болно, но мора да најдете некое решение кое ќе биде некаде на средината“, рече Сервер.
Премиерот Зоран Заев рече дека до јуни владата ќе подготви преговарачка екипа составена од претставници на институциите за преговорите со ЕУ.
„По донесувањето на одлуките за преговори во јуни, ќе ја подготвиме и преговарачката екипа. Со овој чекор ќе демонстрираме сериозност. Прво се отвораат најтешките поглавја, правосудството, владеење на правото, реформа на јавната администрација и на безбедносните служби“, кажа Заев во говорот.
Членот на Комисијата за европски прашања од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска, рече дека Македонија добила неколку безусловни препораки во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија имаше безусловна препорака и во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Денес благодарение на Владата на ВМРО-ДПМНЕ сме овде. Новата Влада ветуваше дека за шест месеци ќе влеземе во ЕУ. Но, Македонија сега е најкорумпирана земја, што е нотирано во извештајот на ЕУ. Европската комисија го забележува и политичкото влијание врз институциите. Декларативните заложби не се доволни. Граѓаните се сведоци на слаба економија, перење пари и финансиски криминал. Иако ветуваше, дури и премиерот обзнани, но и по 11 месеци не е гонет ниту еден функционер. Граѓаните живеат полошо“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Стаменковска.
Стаменковска во говорот кажа дека седницата на Комисијата за европски прашања била закажана без договорени и усвоени заклучоци со опозицијата и дека седницата била закажана набрзина без консултации со опозицијата.
Претставниците на Движењето Беса, ДУИ и СДСМ ја поздравија одлуката за давање на препораката од ЕУ и безрезервно ги поддржуваат реформите за почеток на преговорите за влез во ЕУ и во НАТО.
Г. ТРПЕНОСКИ