Судскиот совет останува во полн состав да ја извршува функцијата за што денеска на прес-конференција претседателот на Зоран Караџовски ѝ се заблагодари на меѓународната заедница.
„Имаше најави за распуштање на овој состав на советот. За среќа, нашите пријатели од меѓународната заедница таквиот чин го сметаа за политички, линч на членовите на Судскиот совет“, рече Караџовски кој најави дека советот ќе учествува во судските реформи, а најави и широка акција за засилена контрола врз судовите и работата на судиите.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали лично тој или кој било друг член на советот има морален кредибилитет да зборува за судски реформи и за независно судство, кога овој состав на советот е критикуван во меѓународните извештаи, а еден член се слуша во „бомбите“ како го известува експремиерот Никола Груевски за изборот на судиите, Караџовски одговори дека лично тој имал кредибилитет, бидејќи критиките за судството во меѓународните извештаи се до 2014 година, а тој е член на судски совет оттогаш па наваму.
„Никој не може да застане лично да го одбрани судијата што го прекршил законот. Потребна е сеопфатна анализа и да се изнајдат судиите кои имаат проблем со својот интегритет и се огрешиле пред законот“, рече Караџовски.
На денешниот прес, тој го критикуваше изборот на Јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовевски, поздравувајќи ги јавно изнесените критики од страна на скопски адвокат, кој рече дека изборот бил незаконски со кршење на процедурата во Собранието. Тој го коментираше и СЈО и оцени дека 2019 година за инкорпорирање на ова обвинителство во редовното е многу доцна и дека тоа треба да се случи што поскоро.
На прашање дали чувстсвува одговорност што претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски 11 пати да го смени распоредот за неколку месеци, Караџовски рече дека Вангеловски постапил според ингеренциите што му ги дава законот.
С. К. ДЕЛЕВСКА