Ќе се укинат организациските директори на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и најверојатно ќе функционира со еден генерален директор, отккако од јануари ќе има само еден Клинички центар како целина, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Клиниките функционираат како посебни установи од 2007.
„Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме. Еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), значи почетокот на годината, после Новата година, и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува. Значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден Клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа, ќе се договориме. Едвај чекам тоа да се случи, многу транспартено и квалитетно ќе биде понатаму. Нема да имаме загубари, како Заеднички служби, 20 милиони евра, не знаат што работат. Не откривам лично топла вода. Воопшто не ме интересираат политички притисоци“, одговори министерот на новинарско прашање, по презентацијата на апликацијата „Мое здравје“.
Меџити додава дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно. Министерот најави и дисперзирање кадри од Клинички центар низ целата држава.
„Ќе има нови вработувања. Дефицит на кадар има низ цела држава, посебно средномедицински кадар и ние настојуваме во договор со Министерството за финансии и со Фондот за здравство ова веќе да почне да се имплементира и да се случи да има нови вработувања. Значи, насекаде имаме дефицит на средномедицински кадар“, кажа министерот Меџити.
Б. НЕСТОРОСКА