ЌЕ ИМ НАЈДЕМЕ РАБОТА НА РАМКОВНИТЕ, ДРУГИ НЕ ПРИМАМЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА МАНЧЕВСКИ

    Вработените по Рамковниот договор кои не одат на работа, а земаат плата, со измените на неколку закони, како и на Законот за административни службеници ќе можат да бидат прераспределени на места кои се соодветни на нивното образование, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација на денешното претставување на Стратегијата за реформа на администрацијата.

    Министерот Манчевски демантираше дека привремените вработувања ќе се трансформираат во трајни.

    „Сосема е погрешен впечатокот дека тие луѓе што влегле под привремен договор веднаш ќе им биде трансфериран во траен. Таква работа не постои. Нема никаква шанса. Кога ќе се распише оглас што е трајно решение сите имаат подеднаков пристап. Никој нема гаранција дека ќе биде вработен токму на тоа место“, вели Манчевски.

    Во новата стратегија е предвидено и нова категорија „високи државни службеници“ и дефинирање на нов закон за плати во јавниот сектор.

    Новиот закон за плати во јавниот сектор ќе биде заснован врз принципот еднаква плата за еднаква работа.

    „Ние имаме превработеност на најниските нивоа. Не се работи за луѓе со висока стручна подготовка. Имаме празни менаџерски позиции. И во нашето министерство имаме седум сектори од кои шест немаат раководител на сектор. Системот не функционира. Слично е и во другите министерства. Пополнетоста на раководните позиции е околу 40 отсто. Ние немаме систем со којшто треба да работиме. И затоа ќе кажам дека превработена е администрацијата и нема веќе никој да се вработи“, изјави Манчевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира