ЌЕ ИМА 4 РАЗЛИЧНИ ЦЕНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, ЌЕ СЕ УРЕДУВА ПРОСТОРОТ И ДВОЈНО ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПАРКИНГ МЕСТАТА, РЕЧЕ АЛИУ

    ЌЕ ИМА 4 РАЗЛИЧНИ ЦЕНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, ЌЕ СЕ УРЕДУВА ПРОСТОРОТ И ДВОЈНО ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПАРКИНГ МЕСТАТА, РЕЧЕ АЛИУМинистерот Алиу рече дека со паркингот пак ќе стопанисува „Градски паркинг“, бидејќи и на Министерството и негов став е дека треба да се работи со институции кои имаат експертиза во областите. (Фото: Архива на СДК. МК)

    Двојно ќе се зголеми бројот на паркинг места со оптимизација на просторот и ќе има промена во цената за паркирање на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    Министерството за здравство и Јавното претпријатие „Градски паркинг“ деновиве ќе потпишат нов договор, бидејќи претходниот е истечен. Алиу рече дека скопските клиники ќе добијат смарт паркинг, ќе биде целосно дигитализиран и ќе биде еден од најсовремените паркинзи во Македонија, кој ќе ја следи колата од влез до излез.

    Ценовникот, вели тој, нема да биде ист за сите, ќе има 4 различни картички за влез. Онколошките пациенти, како и сега, нема да плаќаат ништо, Алиу вели дека за пациентите ќе биде  евтин, а за вработените ќе има трета цена. Најскап ќе биде за граѓаните кои доаѓаат од разни други причини. Сега, 1 час паркирање чини 30 денари.

    „Ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден ќе биде од горе од Клиниката за кардиологија. Имаме голем простор во Клинички центар кој не е искористен, нити достапен за пешаци и возила. Неколку недели работат архитектите и според нив, со оптимизација на просторот ќе имаме довојно повеќе места. Ако резултатите покажат дека овие места не се доволни, третата фаза е катна гаража, но јас сум сигурен дека нема да стигнеме до тоа. Оваа инвестиција нас нѐ чини нула денари. Ќе инвестира јавното претпријатие“, рече Алиу.

    На 11 март, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари рече дека со паркингот на Клинички центар нема да стопанисува фирмата „Ѓока“ од Албанија, дека е поништен огласот и сега ќе се бара ново решение.

    Според министерот Алиу, со паркингот пак ќе стопанисува „Градски паркинг“, бидејќи и Министерството и негов став е дека треба да се работи со институции кои имаат експертиза во областите.

    „Ние ја имаме Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), која за жал нема таква експертиза и не сакаме да направиме експеримент. А на ‘Градски паркинг’ тоа им е бизнис, секојдневна работа и цениме дека ќе биде подобро. Досега проблемот не беше во паркингот туку во менаџирање на процесите во паркингот. За цената не е разговарано, ќе треба да има промени, како што знаете цените се менуваат бидејќи во економијата ништо не е статично, а од друга страна има инвестиција и вложување во паркингот. Ќе имаме реален пристап, нема да правиме политика од паркингот, бидејќи ценам дека е од витално значење како и инфраструктурата. Можам да кажам дека ќе биде поевтино од комерцијалните цени кои ги има во околината“, рече Алиу на денешната прес-конференција за новини во „Мој термин“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира