Ќе има приемни испити во оние средни училишта каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), објавуваќи го Конкурсот за упис на ученици за учебната 2023/2024 година.
Тестирањето ќе биде по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по наставните предмети: за гимназиско образование – мајчин јазик и математика, за здравствена струка – биологија и хемија и за другите струки – мајчин јазик и математика.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни, на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.
Во учебната 2023/24 година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20.608 слободни места, за настава на албански јазик 8.301 и 889 места за настава на турски јазик. Во учебната 2023/24 година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
Б. НЕСТОРОСКА