„ЌЕ ЈА УБИЕ МАЈКА МИ“, ПЛАЧЕ 6-ГОДИШНАТА КАТЈА ДОДЕКА БАБА Ѝ ГО ПРИЈАВУВА ВО ПОЛИЦИЈА СИНА СИ СТОЈАНЧЕ ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО, СЕ СЛУШНА НА АУДИОСНИМКИТЕ ОД 112

    „ЌЕ ЈА УБИЕ МАЈКА МИ“, ПЛАЧЕ 6-ГОДИШНАТА КАТЈА ДОДЕКА БАБА Ѝ ГО ПРИЈАВУВА ВО ПОЛИЦИЈА СИНА СИ СТОЈАНЧЕ ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО, СЕ СЛУШНА НА АУДИОСНИМКИТЕ ОД 112Според аудиоснимките, два часа пред самоубиството Ивана се јавува во полиција и кажува дека дента пријавила насилство но не сакала да зборува, но оти сега би зборела. (Фото: СДК.МК)

    Со изведување на материјални докази од насилствата што ги вршел обвинетиот Стојанче Јовановски, чија сопруга Ивана Стојаноска по повеќегодишно семејно насилство на 2 март се самоуби со 6-годишната ќерка Катја скокајќи од заедничкиот стан во скопската населба Тафталиџе, денеска продолжи судското рочиште. Според обвинението, Јовановски извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

    Обвинителката Адела Бојчевиќ од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Скопје на почетокот предупреди за внимателно известување за експлицитната и за вознемирувачката содржина на доказите, за да не се врши двојна виктимизација на починатите Ивана и Катја, жртви на долготрајно тешко семејно (физичко, психичко, економско и друг вид) насилство од обвинетиот Јовановски.

    Бојчевиќ прво почна со презентација на доказите од 2024 и од 2025. Потоа, следуваше аудиоснимка од јавување на сосетка на бројот за итни случаи 112, која пријавува вознемирување од станот до неа. Кажува дека има бучава, дете вреска… Бара да остане анонимна. На 25 јануари, во еден час по полноќ на истата линија се јавува маж, сосед, кој пријавува дека комшиите се дерат, мало девојче од тој стан дошла кај него и кажало дека е тепано. Детето истрчало босо.

    Според аудиоснимките, на денот на самоубиството, Ивана се јавува во полиција околу 12 часот. Кажува дека дента пријавила насилство, но не сакала да зборува, ама сега би зборела.

    „Ало, сакам да пријавам насилство од сопругот. Сабајле се јавив ама не зборев, но сега сакам да зборам. Пред судот сме со сопругот, ве молам дојдете побрзо”, плачејќи се јавува Ивана во полиција, два часа пред да се самоубие.

    Последната аудиоснимка презентирана денеска беше од пријава на обвинетиот Стојанче во Брза помош. Тој низ викање бара да се прати брза помош.

    „Се фрли жена со дете мало. Ве молам, мало дете… На Теодосиј Гологанов. Ве молаааам”, вика и плаче Стојанче.

    И покрај овие пријави, како и дента пред да се самоубие со нивното дете Ивана пријавила насилство од Стојанче кој ја тепал цело претпладне, полицијата не го препознала насилникот, а ни неа како жртва. Тогаш биле во суд тој да се пријави за присуство, бидејќи бил под истрага за дрога. Натепаната Ивана се тресела и молчела пред Стојанче кога полицијата ја прашала од кого трпи насилство и против кого е пријавата.

    „Уште еднаш да се јавиш, ќе добиеш кривична за лажно пријавување“, ѝ кажале полицајците на Ивана, а по еден час таа скокна од балконот на висококатницата во која живееше. Ова на претходните рочишта го посведочи Мартин Саздов, очевидец на ваквото однесување на полицајците.

    Денеска беше презентиран доказ, јавување на Ивана на 112 на 15 октомври 2025 при што го прашува операторот каде да се обрати кога некој ѝ го има заклучено станот и не може да влезе. Кажува дека Стојанче не ја пушта да влезе. Операторот ја упатува да се јави на Куќен совет, а ако не, ќе ја поврзе со Пожарна за да ја скршат вратата.

    Потоа, на истиот ден следува повик од Ивана која го пријавува Стојанче дека внатре во станот чува дрога.

    „Сакам да пријавам дека во мојот стан сопругот чува дрога”, вели Ивана, па со растреперен глас додека е на линија го прашува Стојанче: “„Ќе отвориш или да те пријавам?”, по што операторката вели „госпоѓо, госпоѓо…“ и повикот се прекинува.

    Итната служба 112 ги чува сите снимки од граѓани кои пријавиваат, па Бојчевиќ ги донесе во суд тие против обвинетиот.

    Љубица Стојаноска, мајка на Ивана, на 28 август 2025 се јавува во полиција и ја информира дека ќерка ѝ е во бракоразводна парница и оти сопругот Стојанче ја тепа додека е таа таму за да земе ствари. Ги информира дека не му е првпат да ја тепа. Плаче, тешко дише и многу е вознемирена, бидејќи не може да ја добие Ивана на телефон.

    Сведокот Ивана Белчева на 19 декември 2025 се јавува на 192 и многу вознемирена пријавува дека се наоѓа пред „Тинекс“ во Ѓорче Петров и оти пред детето таткото ја тепа мајката. Вознемирена ги моли полицајците да дојдат.

    Обвинителката презентираше пријава за насилство во МВР од Цветанка Јовановска, мајка на Стојанче. Таа тешко дише додека го пријавува синот. До неа внуката Катја плаче толку силно, што баба ѝ едвај се слуша.

    „Ќе ја убие мама“, пишти Катја на снимката.

    Јовановска му вели на на операторот дека се случува обид за убиство од нејзиниот син.

    „И детето е удирано“, вели Јовановска. На снимката се слуша дека Катја плаче се посилно, повторувајќи: „Ќе ја убие мама!“.

    Потоа следуваше снимка од пријава од сестрата на Стојанче, за семејно насилство врз Ивана и Катја.

    Стојанче се крстеше, гестикулираше, протестираше нешто, стана да збори, судијата Ивица Стефановски му рече да седне на место, се изведуваат докази.

    Обвинителката Бојчевиќ изнесе и доказ – пријава од обвинетиот Стојанче, кој ја пријавува Ивана за семејно насилство.

    „Жена ми Ивана не ме пушта да излезам од дома. Се заканува дека ќе ме тепа и оти сама ќе се истепа”, му вели Стојанче на операторот.

    Повторно следува пријава од сестрата на Стојанче. Се слуша расправија, Ивана му вели на Стојанче дека не го мести за дрога. Се слуша како ја удира. Таа му вели: „Се што си имаш направено, си имаш направено сам”. Стојанче ѝ се дере: „Што сакаш!”. „Да живеам со тебе. Не ме мавај, не ме мавај”, се слуша Ивана.

    Тој ѝ се заканува дека ќе ѝ го уништи животот. Ѝ вели кај сака нека пријави, ќе лежи затвор, ќе искочи „мамето ќе ѝ го ебе”. Стојанче на крајот ѝ вели на Ивана: „Подобро убиј ме, зашто све ќе ти ебам!”.

    Рочиштето продолжува со презентирање видеоснимки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира