Ние во Југославија имавме подобар стандард од сите земји од источна Европа кои станаа членки на Европската унија и јас ќе ги донесам сите потребни одлуки нашите граѓани пак да имаат подобар стандард од нив, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за американските инвестиции во Македонија.
„Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, и од Чешка, и од Романија, и од Полска, и од Бугарија, и од сите земји кои стана земји членки на Европската унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард, бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат и на тој пат сметам на поддршката на нашите стратешки партнери, пред сè САД, и земјите членки на ЕУ“, изјави Ковачевски, на заедничката прес-конференција со американскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи.
Ковачевски денеска е домаќин на сенаторот Марфи, со кого се сретна за време на неговата посета на Вашингтон на почетокот на месецов.
Во 1990 година, Југославија имала БДП по глава на жител од 5.464 долари, повеќе од Чехословачка (3.942), Бугарија (2.920), Романија (1.642) и Полска (1.629).