ЌЕ СЕ ОТВОРА СИГУРНА КУЌА ЗА ЛГБТИ-ЛИЦА ИЗБРКАНИ ОД ДОМА

    ЌЕ СЕ ОТВОРА СИГУРНА КУЌА ЗА ЛГБТИ-ЛИЦА ИЗБРКАНИ ОД ДОМАОмбудсманот Иџет Мемети и американскиот амбасадор Џес Бејли на потпишувањето на Меморандумот за соработка на Народниот правобранител со ЛБГТ центарот. (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје ќе се отвора сигурна куќа за првична заштита и прибежиште на припадници на ЛГБТИ популацијата кои претрпеле насилство, малтретирање или биле избркани од дома поради својот идентитет. Локацијата на оваа куќа ќе се држи во тајност, поради опасноста од чести напади на локациите на ЛГБТИ заедницата во Скопје, во кои во изминатиот период настрадаа нејзини претставници, а случаите до денеска институционално не се расветлуваат.

    „УСАИД ни овозможува да им го дадеме одговорот на најранливата група од ЛГБТИ популацијата во Македонија, а тоа е отворање сигурна куќа во Скопје во која ќе може многу од луѓето кои доживеале насилство или биле избркани од дома заради нивниот идентитет, нивната идентификација, се бездомници или немаат од кого да побараат помош, ќе може да најдат првично засолниште и помош во оваа сигурна куќа. Сега веќе ни е овозможено и да ги контактираме ЛГБТ-луѓето од внатрешноста на Македонија, како и од помалите етнички заедници, што до сега ни одеше тешко“, рече на потпишувањето на Меморандум за соработка со Народниот правобранител Иџет Мемети, програмскиот директор на ЛГБТ центарот Кочо Андоновски.

    Потпишувањето беше во присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли, кој рече: „Ние мораме да ја осигураме париципацијата во општеството на оние кои традиционално биле жртви на дискриминаторски практики или полицијата. Во Македонија Народниот правобранител игра важна улога во промоција и заштита на човековите права на сите граѓани. Потпишувањето на овој Меморандум за соработка со проектот на УСАИД за Подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето е уште еден пример за вашата заложба за поддршка на имплементација на меѓународните стандарди за човекови права во Македонија“.

    Мемети, пак, рече дека со потпишување на документот, институцијата се обврзува дека контунуирано ќе вложуваме напори во насока на надминување на хомофобијата и трансфобијата како и спречување и заштита од дискриминација, спречување на говор на омраза и дела на омраза.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира