Пратеникот на Алијансата за Албанците Сyрија Рашиди го праша министерот за финансии Драган Тевдовски што преземаат во врска со никнувањето како печурки на казина, автомати и кладилници, без никакви критериуми, на денешната седница за пратенички прашања.
„Дали ги контролирате кладилниците и објектите за игри на среќа. Се отвораат без никакви критериуми. Влијаат лошо врз децата и врз сиромашните. Парите кои им се даваат за школо ги даваат во кладилници, дали ќе преземете нешто“, праша Рашиди.
Министерот Тевдовски рече дека владата наскоро ќе ги објави измените на законот за игри на среќа, со кој ќе се заострат критериумите за отворање на објекти за игри на среќа.
„Досега се даваше една лиценца за организирање на игри на среќа и врз основа на таа лиценца се отвараа повеќе објекти. Со измените, кои ќе се објават и ќе бидат на јавна расправа, се заоструваат критериумите за добивање лиценца. Со измените ќе мора секој објект да има лиценца која ќе се издава со заострени критериуми“, одговори министерот Тевдовски.
Сè што затекна новата влада како можен криминал е доставено до обвинителството, рече премиерот Зоран Заев на собраниската седница, на која што не присуствува опозицијата.
„По мои информации, се работи за десетици потенцијални предмети за истраги од јавното обвинителство кое што секако ќе каже дали има основани сомневања за покренување на судски постапки за било кој го прекршил законот“, рече Заев.
Тој го повтори личниот став дека секој е еднаков пред законот и никој да не помисли да влијае врз носењето на судските одлуки.
„Зборувам отворено. Било ДУИ, СДСМ, Алијанса за Албанците, Беса или било која друга партија, законот мора да важи за сите. Нема да има ниту „П“ од правда, ниту „Р“ од реформите ако се обидеме макар да помислиме некого да заштитиме исправен пред правдата“, рече Заев.
Тој додаде дека судиите и обвинителите се должни да носат одлуки согласно Уставот и законот.
Г. ТРПЕНОСКИ