ЌЕ ТЕ ПРАТАМ ВО ПРИТВОР АКО НЕ МОЖЕШ ДА ДОАЃАШ НА СУДЕЊЕ, ПА ЌЕ ИМАШ ПРЕВОЗ, МУ РЕЧЕ СУДИЈКАТА НА СОПСТВЕНИКОТ НА ОБЈЕКТОТ НА „ПУЛС“

    ЌЕ ТЕ ПРАТАМ ВО ПРИТВОР АКО НЕ МОЖЕШ ДА ДОАЃАШ НА СУДЕЊЕ, ПА ЌЕ ИМАШ ПРЕВОЗ, МУ РЕЧЕ СУДИЈКАТА НА СОПСТВЕНИКОТ НА ОБЈЕКТОТ НА „ПУЛС“Подобро ми е во притвор отколку сам да возам и да се фрлам во некој ендек, рече Милковски кој се пожали на нарушено здравје. (Фото: 4Њуз)

    На денешното судско рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март 2025 со 63 жртви, сопственикот на објектот каде работеше дискотеката, Гроздан Милковски, се пожали на сериозни здравствени проблеми и рече дека тешко може да присуствува на судењата. Кажа дека има сепса на градите, не може да спие и дека од вчера има и бактериска инфекција на грлото. Рече дека нема можност постојано да плаќа возачи за да го носат на суд.

    Судијката одговори дека разговарала со неговите лекари и оти според нив неговата здравствена состојба не е загрижувачка. Таа предупреди дека ако обвинетиот не се појави на следното рочиште, судот ќе му одреди притвор и дека така барем ќе има превоз.

    На тоа Милковски одговори, „подобро ми е во притвор отколку сам да возам и да се фрлам во некој ендек“.

    Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи судот да донесе одлука за спојување на оваа постапка со новиот предмет во кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници. Според адвокатката, и во двата случаи станува збор за исто кривично дело и за настани поврзани со истиот случај, па спојувањето би спречило утврдување на различни фактички состојби во две одвоени судски постапки.

    Судот го одби предлогот, а судијката образложи дека во другиот предмет има вкупно 25 обвинети и дека една од постапките веќе е во завршна фаза. Според судот, евентуалното спојување би довело до дополнително одолговлекување на двете постапки, што би било спротивно на начелото на економичност и целисходност на кривичната постапка. Иако одбраната тврди дека станува збор за ист кривично-правен настан, судот оцени дека самиот идентитет на настанот не е доволна основа за спојување, особено бидејќи предметите се водат пред различни одделенија и во обвинителството и во судот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира