Првиот вицепремиер Изет Меџити вети дека за една година на власт ќе вработат до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација, соопштија од неговата партија Демократско движење.
На партиски настан во Шуто Оризари, Меџити рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државно, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.
„За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“, изјави Меџити.
Меџити, кој истовремено е и министер за животна средина и просторно планирање, беше долгогодишен истакнат член на ДУИ, период во кој беше пратеник и градоначалник на Чаир. Во 2023 година ја напушти ДУИ и основаше своја партија – Демократско движење, која што како дел од коалицијата Влен стана владејачка партија по изборите минатата година.