КИДНАПИРАНИ МАЛОЛЕТНИ МИГРАНТИ, ОД ПОДРУМ ВО КУЌА ВО СТУДЕНИЧАНИ ИСПРАТИЛЕ ЛОКАЦИЈА И ПОРАКА „СОС“ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО КОЕ ГИ СПАСИ

    КИДНАПИРАНИ МАЛОЛЕТНИ МИГРАНТИ, ОД ПОДРУМ ВО КУЌА ВО СТУДЕНИЧАНИ ИСПРАТИЛЕ ЛОКАЦИЈА И ПОРАКА „СОС“ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО КОЕ ГИ СПАСИНа мигрантите им давале минимална количина храна и едно шише вода на ден за сите шестмина, а подрумот можеле да ги напуштат само за да одат во тоалет. (Фото: Архивска фотографија)

    „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да нè ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата. SOS!“, напишале пет киднапирани малолетни мигранти и еден 19-годишник во пораката до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) . Тие неколку дена биле држени заклучени, гладни и жедни во Студеничани, Скопско во подрум во куќа на маж со два сина, шверцери на мигранти .

    Киднаперите на мигрантите им давале само едно шише вода за цел ден, а од подрумот со крајно нехумани услови им било дозволено да излезат само кога им се идело во тоалет. Јавување на мобилен телефон им било дозволено само кај роднините, да му пуштат 5.000 евра на Арап во Грција, кој ги шверцувал во Македонија.

    Надлежен јавен обвинител од ОЈОГОКК денеска донел Наредба за спроведување истражна постапка против татко и двајца синови, поради основано сомнение дека сториле кривични дела Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти и кривично дело Криумчарење на мигранти. Делата се сериозни и за тројцата се бара притвор.

    „Имено, во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигна порака со линк од локација и следната содржина: ‘Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата. SOS!’, која порака во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје беше проследена до Секторот за компјутерски криминал во МВР. По брзата реакција и извршениот претрес во подрумските простории на станбен објект во село Студеничани, од страна на полициските службеници од МВР беа пронајдени шестмина илегални мигранти од кои пет малолетници и едно 19-годишно лице“, соопшти Обвинителството..

    Двајца од осомничените, во текот на месец март годинава заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во Грција и повремено во Скопскиот Регион, се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во Македонија која имала за цел вршење на кривично дело Криумчарење на мигранти.

    „Групата co помош на водичи, т. н. ’качаци’, организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на Грција на територијата на Македонија преку илегални премини т. н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со патничко возило ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до Студеничани, од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Србија кон државите на ЕУ“,  вели Обвинителството.

    На 21 март, илегално биле превезени шестмината мигранти кои првоосомничениот ги сместил и засолнил во подрумските простории на објект сопственост на неговиот татко во  Студеничани.

    „Со цел мигрантите да не го напуштат објектот просториите во кои биле сместени биле постојано заклучени, а второ и третоосомничените го обезбедувале објектот. На мигрантите им давале минимална количина на храна и вода, едно шише вода на ден за сите шест мигранти, а подрумските простории можеле да ги напуштат само заради извршување физиолошки потреби. Првоосомничениот во повеќе наврати секој ден им го загрозувал животот и здравјето заканувајќи им се дека нема да го напуштат подрумот сѐ додека од страна на нивните блиски не бидат исплатени парични средства во висина од 5.000 евра за да обезбеди нивно понатамошно илегално пренесување до Србија. За таа цел, најпрво им ги земал мобилните телефони на сите шестмина, по што во текот на четирите дена колку што престојувале, на двајца од нив им дозволувал еднаш дневно да остварат видео повик со криумчарот организатор од арапските земји со цел истиот да ги извести нивните семејства да ги исплатат бараните парични средства“, вели Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира