КЛИНИКИТЕ ЗА КАРДИОЛОГИЈА И КАРДИОХИРУРГИЈА ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО ЕДНА УСТАНОВА

    КЛИНИКИТЕ ЗА КАРДИОЛОГИЈА И КАРДИОХИРУРГИЈА ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО ЕДНА УСТАНОВАПациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, вели Министерството за здравство. (Фото: СДК.МК)

    Клиниката за кардиологија и Клиниката за кардиохирургија ќе се спојат во една здравествена уставнова, одлучи Владата на последната седница по предлог на Министерството за здравство. Како што велат од Министерството, оваа одлука е донесена за да се обезбеди повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

    „Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, вели министерот за здравство Азир Алиу.

    На овој начин, како што објаснуваат од Министерството, ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.

    „Спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми“, вели Министерството за здравство.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира