Авионот на „Туркиш ерлајнс“ кој требаше да лета на редовната линија за Истанбул од Скопје два пати бил вратен од полетување. Драмата не завршила со откривањето на заборавениот мобилен телефон по што претседателот Иванов и неговата делегација решиле да не летаат. Откако биле направени вонредни безбедносни проверки и истоварен багажот на придружбата на Иванов, авионот тргнал на повторно полетување. Но, при повторното полетување двајца патници кои се исплашиле затоа што виделе дека во кабината меѓу патниците не е и петчлената делегација на претседателот свикале и побарале и тие да слезат. Авионот повторно бил вратен на платформата и останатите патници чекале и овие двајца патници да слезат од него и да се истовари и нивниот багаж.
Авионот Ербас А320 на „Туркиш Ерлајнс“ на крајот полета од скопскиот аеродром во 22.55 часот и по нешто помалку од еден час слета на „Кемал Ататурк“ во Истанбул.
Иванов остана во Скопје и го пропушти летот од Истанбул за Антананариво во 2.20 часот по локално време. Во престолнината на Мадагаскар викендов ќе се одржи Самит на Франкофонијата, а Иванов требаше да биде еден од учесниците.