КОМБИНИРАНА НАСТАВА И ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ И ОСНОВЦИТЕ ОД 4-ТО ДО 9-ТО ОДДЕЛЕНИЕ АКО УЧИЛИШТАТА ДОКАЖАТ ДЕКА ИМААТ УСЛОВИ ЗА ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО

    КОМБИНИРАНА НАСТАВА И ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ И ОСНОВЦИТЕ ОД 4-ТО ДО 9-ТО ОДДЕЛЕНИЕ АКО УЧИЛИШТАТА ДОКАЖАТ ДЕКА ИМААТ УСЛОВИ ЗА ФИЗИЧКО ПРИСУСТВОАко се влоши епидемиолошката слика во општината, и оние кои почнале со физичка настава, ќе добијат други препораки. - Министерката Мила Царовска (Фото:СДК.МК)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната нејзина прва прес-конференција во овој ресор кажа дека ако има услови според протоколот што го постави Комисијата за заштита од заразни болести, училиштето да може да формира класови до 20 ученици, ќе може во такви услови да се дозволи да се одржува во тоа училиште настава со физичко присуство.

    Ова се однесува на средните и на основните училишта од четврто до деветто одделение.

    „Наставата во средните училиште ќе се одвива од далечина и со физичко присуство. Ако некое училиште смета дека ги исполнува условите, може да побара од основачот, општината, да одржува настава со физичко присуство, на редовен начин. Но, тоа треба да го поткрепи со докази. Училиштата барањата треба да ги поднесат најдоцна до 10 септември и да поткрепат дека имаат услови за настава со физичко присуство“, рече Царовска.

    Ако се влоши епидемиолошката слика во општината, и оние кои почнале со физичка настава, ќе добијат други препораки.

    „За децата од прво до трето одделение е многу важно да ја следат наставата со физичко присуство, за развој на моториката, за описменување и средба со образовниот процес. Даден е избор, па родителите кои се изјасниле за учење од далечина, за тие деца училиштето мора да обезбеди услови. Наставниот час ќе трае 30 минути. Во средните, 35 онлајн. Големиот одмор е 15 минути. Ќе се проверува знаењето на учениците. Директорот ќе се грижи за добрата покриеност со интернет конекција. За децата кои немаат уреди, училиштата ќе организираат настава со физичко присуство. Ако не сакаат, ќе им биде печатен и даден материјал за учење“, зборуваше Царовска првин за основците до трето одделение.

    Родителите на учениците со попреченост имаат избор дали ќе посетуваат онлајн или настава со физичко присуство. Оние кои имале лични асистенти, ќе си ги имаат и натаму. Хронично болните ученици остануваат дома.

    Наставата почнува на 1 октомври, МОН се уште нема конечен податок колку ученици ќе посетуваат физичка, колку онлајн настава. За онлајн наставата МОН ќе излезе наскоро со Национална платформа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира