Во Клубот на новинари во Скопје, денеска се одржа комеморација во чест на починатиот колега Саше Димовски. Покрај неговото семејство, присутни беа колеги од различни медиуми, судии, обвинители и пријатели. За неговите професионални и лични придонеси во новинарството зборуваа Васко Маглешов, Младен Чадиковски, Убавка Јаневска, Ленче Здравкин, Аслан Вишко и Огнен Јанески.
Во рамките на комеморацијата, харфистката Мерсиха Шукри имаше музичка посвета во чест на починатиот колега.
Саше Димовски работеше како новинар од 1996 година. Работниот век го мина во бројни телевизии „Канал 5“, „Сител“, „Алфа ТВ“, ТВ „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник. Соработуваше со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални тв медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот „Сведок“ од 2015 година.
Говорниците се осврнаа на почетоците и развојот на професионалната кариера, нагласувајќи го неговиот посветен пристап кон работата и непоколебливата заложба за откривање и пренесување на вистината. „Неговата работа беше обележана со уникатен новинарски пристап, што го направи пример за многу млади новинари и колеги“, рекоа тие.
Димовски беше долгогодишен член на ЗНМ и претседател на Советот на честа при Здружението. Под негово водство Советот на честа постигна значителен напредок во унапредувањето на етичките норми и заштитата на новинарските права, оставајќи наследство кое ќе продолжи да влијае врз идните генерации новинари. На комеморацијата беше дадена идеја идеја во иднина да се востанови награда за истражување во правосудството, која би го носела неговото име.