КОМЕСАРКАТА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ГИ ПОВИКА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГИ УСВОЈАТ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА РОДОТ НА ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА

    КОМЕСАРКАТА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ГИ ПОВИКА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГИ УСВОЈАТ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА РОДОТ НА ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦАКомесарката Мијатовиќ вели дека пристапот до законско признавање на родот е од клучно значење за да се спречи дискриминација и насилство врз транс луѓето. (Фото: ОБСЕ)

    Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ ги повика македонските пратеници да ги усвојат претстојните измени на Законот за матична евиденција со кои што ќе се овозможи правно признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица.

    Во писмо упатено до претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателката на Комисијата за политички систем Соња Мираковска, претседателката на Законодавно-правната комисија Снежана Калевска-Ванчева и пратеничката-известувач за законските измени Маја Морачанин, Мијатовиќ силно ги охрабрува напорите за усогласување на македонското законодавство со стандардите на Советот на Европа во областа на законското признавање на родот на трансродовите лица.

    „Комесарката смета дека усвојувањето на претстојните измени на Законот за матична евиденција би претставувало клучен чекор во извршувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот X против Македонија од 2019 година, во која Судот утврди повреда на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права поради отсуство на брзи, транспарентни и достапни процедури во националното законодавството за признавање на родот. Комесарката нагласува дека ‘извршувањето на пресудите на Судот е камен-темелник на заштитата на човековите права во регионот на Советот на Европа’“, се вели во соопштението на Советот на Европа.

    Комесарката Мијатовиќ додава дека пристапот до законско признавање на родот е од клучно значење за да се спречи дискриминација и насилство врз транс луѓето.

    Уште на седница на 28 април 2021 година, Владата го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица, согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права. Предложените измени подоцна беа повлечени од собраниска процедура. На почетокот на минатиот месец, овие измени беа вратени на усвојување во парламентот.

    Процесот на подготовка на овие законски измени почна во февруари 2019 година, еден месец по пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Македонија, според која Македонија треба да му исплати обесштетување од 9.000 евра на трансродовото лице, затоа што му е повредено правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира