Членовите на Комисијата за заразни болести на денешниот состанок дискутираа за повеќе предлог мерки, за кои дополнително ќе се донесат одлуки и заклучоци, соопшти Министерството за здравство. Конкретно, за предлогот за намалување на времето на изолација за асимптоматските случаи на ковид-19, членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.
На денешниот состанок комисијата ја разгледувала и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, но и за овој предлог одлуката ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие. Од Министерството за здравство велат дека клучно ќе биде каква е епидемиолошката состојба во државата и одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, изминатата недела има зголемување од 51 отсто на позитивните случаи, како и 41 отсто зголемување на хопитализацииите.
Во период од една недела, од 3 до 9 јануари, пријавени се 946 реинфекции со ковид-19, што е зголемување од седум пати во однос на претходната недела. Според направеното секвенционирање на 152 позитивни примероци на коронавирус во изминатите шест дена, кај 104 од нив е откриен сојот омикрон, што претставува 68 отсто од заразените.
Денеска беа регистрирани 1.964 позитивни од 7.724 тестови, или над 25 отсто од тестираните, и уште 13 починати од коронавирус.