Премиерот Зоран Заев кажа дека припадници на навивачката група „Комити“ кои учествувале во насилните протести пред парламeнтот минатиот месец во исказ пред полиција споменувале бизнисмени од Русија дека давале пари, појаснувајќи ја својата изјава за „Базфид“. Во интервјуто за американскиот портал, Заев рече дека добил извештаи за проруски грчки бизнисмени кои плаќале на Македонци суми од 13.000 до 21.000 долари да прават насилни инциденти пред клучниот референдум за името.
„Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете тие млади момчиња комити кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично, рече Заев на стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.
Заев рече и дека барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори заслужува внимание и дека се можни предвремени избори ако тоа гарантира дека ќе се исполни цензусот за референдумот за договорот за името. Како можни датуми за референдумот, тој ги спомена 23 септември и 7 октомври.