Компанијата Даталаб Македонија на 7 мај 2026 година во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје ќе го одржи специјализираниот настан „еФактура и дигитални PANTHEON еСервиси“. Настанот е наменет за менаџери, финансиски директори и сметководствени професионалци кои треба да се подготват за претстојните законски промени поврзани со електронското фактурирање и дигиталната размена на документи.
Од Даталаб објаснуваат дека воведувањето на е-фактурата не претставува само нова законска обврска, туку и темелна промена во начинот на деловна комуникација и управување со процесите. На конференцијата ќе се обработуваат клучните прашања за тоа како ќе изгледа работењето во иднина и со какви предизвици ќе се соочат компаниите при прилагодувањето.
Посебен акцент ќе биде ставен на практичната примена на дигиталните услуги кои овозможуваат автоматизација на процесите и намалување на мануелната работа. Учесниците преку реални примери и демонстрации ќе можат да видат како овие алатки веќе се користат во пракса и како можат веднаш да се имплементираат во секојдневното работење.
Во рамките на настанот е предвидена и панел дискусија на која ќе учествуваат Александра Новаковска Петрушевски од Управата за јавни приходи, Дејан Контиќ од Даталаб Србија и Леонида Красевиќ од Даталаб Словенија. Панелот ќе понуди увид во регулаторниот аспект во Македонија, како и реални искуства и модели за имплементација од регионот.
Претставничката од Управата за јавни приходи ќе ги презентира деталите за тоа во која фаза е проектот за е-фактура во државата, кои се клучните рокови и што конкретно ќе значи новиот систем за фирмите. Искуствата од Србија, пак, ќе дадат слика за процесот на транзиција, од почетните потешкотии до придобивките по целосната дигитализација.
Организаторите велат дека ова е прв во серијата настани посветени на дигиталната трансформација, со цел деловниот сектор да добие навремени информации и поддршка во процесот на адаптација кон новите пазарни услови. Повеќе информации и можност за пријавување се достапни на официјалната веб-страница на настанот: https://konferencija.datalab.com.mk/pantheon-efaktura



