Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими не дојде на првото судење за предметот „Титаник 3“ на СЈО, каде што е обвинет за уништување на изборен материјал. Отпатувал на службен пат во Тирана, за кој дознал ден-два пред почетокот на судењето. Денеска во Основниот суд Скопје 1 дојде само второобвинетиот Исмет Гури, исто така, од ДУИ.
И тој е обвинет за истиот изборен криминал, но како службено лице. Судијката Оља Ристова нотираше изјава од адвокатот дека Ејуп Аљими е службено отсутен во странство, во Албанија, на покана на албански пратеник -координатор. На прашање на Ристова кога дознал за патувањето, адвокатот рече ден-два пред патувањето.
Обвинителката Фатиме Фетаи праша дали тоа патување било толку итно, суштинско и неодложно, што Аљими не е денес на закажаното судење?
„Патувањето е потпишано од генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова“, рече адвокатот.
Аљими е во групата Жан Моне, рече тој. Фетаи потсети дека координаторите имаат заменици. Адвокатот рече поканата е само за координатори.
„На чие име е поканата, на негово лично име?“, праша судот.
„Немам таков податок“, рече адвокатот, а на инсистирање на судот, објасни дека е на состанок за технички прашања, во пресрет на главниот состанок во април.
Судијката Ристова даде наредба да се прати писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери со кое ќе се извести за закажаните наредни термини за судење на кои треба да дојде пратеникот Аљими и со кое ќе побара Спикерот да го оправда во иднина ако на тие термини обвинетиот исклучиво од оправдани причини не може да присуствува на рочиштата.
Според СЈО, кривичните дела тогашниот секретар на Општинската комисија Чаир Исмет Гури и Ејуп Аљими, кој во тоа време бил невработен, ги извршиле по првиот круг гласање за избор на градоначалник на општина Чаир, во март 2013. Гури како службено лице во врска со изборите и гласањето и Аљими заедно со други сведоци преправиле над 30 записници за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето од повеќе избирачки места.
Додавале и одземале гласови кај и стигнат и колку ќе им текне, па на крај самите ги потпишале преправаните резултати. Со тоа доверливите документи станале неупотребливи, а по алармот во Државната изборна комисија дека нешто не е во ред со гласањето во првиот круг во Чаир, било извршено прегласување. Судењето е презакажано за 27 април.
С. К. ДЕЛЕВСКА