Споменикот на Ќосето беше тргнат рано утрово околу 5 часот од пред Врховниот суд, за да не се загрози безбедноста во сообраќајот, велат од Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од Град Скопје додаваат дека споменикот на Ќосето е отстранет по решение издадено од Општина Центар.
Градоначалникот Петре Шилегов во текот на денов ќе одржи и прес конференција за отстранување на контровезрниот споменик, јавуваат од градските служби.
Од Градот објаснуваат декаЌосето се отстранувал со камиони и дигалка. За да не пречи во сообраќајот и да не се блокираат улиците бидејќи се наоѓа на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ која е една од најфрекфентните локации, одлучено е тоа да се направи рано кога уште нема сообраќај низ градот.
„Со дигалка беше изваден споменикот од постаментот. Постапката траеше околу час и половина. Со камион го однесовме во магацините на Металскиот завод Тито“, ни рекоа работницитеод ЈП„Улици и патишта“ кои работеа на отстранување на споменикот.
Споменикот со кама в рака на Андон Јанев-Ќосето, контроверзен лик познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, е еден од петте споменици кои се издигнаа на 7 септември 2014 на различни локации во Скопје, а кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Спомениците беа поставени во времето на градоначалникот Коце Трајановски.
А. АНТЕВСКА