Жестоки навредливи зборови разменија пратеникот Драган Ковачки, поранешен старешина во АРМ, и премиерот Димитар Ковачевски околу пратеничкото прашање за неслужењето на воената обврска, во конфликтот во 2001 година, која за пратеникот е дезертерство, а за премиерот абдоменален проблем констатиран цела година пред конфликтот.
„Дали можете да ги обавувате државничките работи со оглед на тоа дека за време на воениот конфликт лажиравте дека сте трајно неспособен дезертере Димитар Ковачевски, само за да избегнете да служите во АРМ тогаш?”, праша Ковачки.
Прашаниот кажа дека многу пред да избие воениот конфликт, специјалисти лекари донеле конзилијарно мислење за абдоменален проблем кај него, што го носи и денеска.
„Но сега за една друга работа за ова поранешно воено лице од АРМ, Драган Ковачки, кој одлучи да ја напушти војската, да ја замени униформата и да облече сако, за да оди кај криминалната банда, осудени криминалци во белата палата на ДПМНЕ. Ковачки кодошел, крадел документи од АРМ, издавал информации и тргувал со нив со странски структури. Тој е дезертерски кодош, човек кој плука и по мртви и по живи”, одговори на пратеничко прашање повиканиот премиер.
За тоа дека е во право, го упати Ковачки да види каков НАТО сертификат има тој како премиер, а каков имал Ковачки.
„НАТО не сака кодоши”, кажа Ковачевски.
Ковачки не беше задоволен од одговорот, и пак го праша премиерот дали навистина е деловно неспособен, или лажирал болест за да не служи во војска за време на конфликтот во 2001 година?
За обвинувањата дека кодошел и изнесувал документи од Армијата, го повика Ковачевски да го пријави во обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА