КРИВИЧНИОТ СУД ГИ ОТФРЛИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗИ ЗА УШТЕ 6 СЛУЧАИ НА СЈО

    КРИВИЧНИОТ СУД ГИ ОТФРЛИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗИ ЗА УШТЕ 6 СЛУЧАИ НА СЈОСпецијалната обвинителка Катица Јанева има поднесено докази од прислушуваните разговори во сите 16 обвиненија што ги поднесе до Основниот суд Скопје 1, освен за „Тврдина“ и „Таргет“, споени во еден предмет. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Основниот суд Скопје 1 ги отфрлил прислушуваните разговори кои што ги приложило Специјалното јавно обвинителство како докази во обвиненијата и за случаите: „Титаник“, „Титаник 2“,„Тенк“, „ТНТ“, „Тифани“ и „Тревник“, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во судот.

    И покрај одлуката на Апелациониот суд за прифаќање на снимките во септември, сепак Кривичниот суд продолжи да ги отфрла бомбите како доказ, како на пример во случајот „ТНТ“, за одмаздничкото уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, поранешен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

    Потоа, на почетокот на октомври, отфрлени биле доказите – бомби и за „Титаник 2“. Следувало потоа истото и за најголемиот предмет на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности, во кој што се обвинети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и на прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот за експремиерот Груевски во случајот „Тенк“.

    Во текот на овој месец следувале одлуки за отфрлање на бомбите и за случајот „Тифани“ за затајување данок од страна на новинарката и бизнисменка Ивона Талевска, но и за „Тревник“, каде што новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Звездан и Срѓан Павловиќ се обвинети за бесправно градење во Зелениково.

    Отфрлањето на бомбите на СЈО се случува во фаза на оценка на обвиненијата, која што за најголемиот дел од нив, уште трае. Според распоредот кој беше објавен на веб-страната на Основниот суд Скопје 1, на судијката Моника Бахчовановска за оценка и се паднале „Тревник“ и „Тифани“ и „Титаник“. На судијката Верка Петковска – „Титаник 2“. На Лидија Петровска – „Тарифа“. Кај нејзината колешка Ленка Давиткова бил распореден предметот „Топлик“.

    Судијата Ивица Стефановски одлучил да ги отфрли бомбите во „Тендери“, а Горан Бошевски доказите – бомби во „Трезор“ и „Тенк“. „Труст и „Тотал“ беа на проценка кај судијата Марјан Грубиша.

    Татјана Михајлова одлучила разговорот меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески со многу силен експлозив да го урнат „Космос“ на Цановски, кому според Груевски „од страв му течело низ панталони“, да го прогласи дека е неважечки како доказ. Покрај обвинението за „ТНТ“, кај неа, според распоредот, се падна за оценка и обвинението за „Траекторија“.

    На 27 септември надлежните судии ги отфрлија бомбите за „Тендери“, каде што за градење по нелегален тендер е обвинета ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, за „Топлик“ , каде што за продажба на државно земјиште како локација за изградба на проектот „Сончев град“ и за поништување на договорот со оштетување на државата со 1.040.000 евра, обвинети се 6 лица. Беа отфрлени и прислушуваните разговори за „Тортура“, за изживување и нечовечко постапување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошковски, каде што обвинет е ексдиректорото на УБК Сашо Мијалков и припадници на Алфите.

    Специјалната обвинителка Катица Јанева има поднесено докази од прислушуваните разговори во сите 16 обвиненија што ги поднесе до основниот суд Скопје 1, освен за „Тврдина“ и „Таргет“, споени во еден предмет, а кој што се однесува на тоа кој и како прислушувал нелегално во Управата за безбедност и контраразузнавање и кој дал наредба и ги уништил уредите од кои се вршело масовното прислушување.

    СЈО, се жалело за сите овие одлуки на Основниот суд Скопје 1 за отфрлање на бомбите, но одлуки за нив Апелациониот суд Скопје уште не објавил.

    Скопска Апелација на 10 август, постапувајќи по жалба на СЈО, одлучи дека „прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија“.

    Одлучувајќи по жалбата на СЈО откако Основниот суд Скопје 1 ги издвои како докази прислушуваните разговори на судењето против Никола Груевски за насилството во Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски, со образложение дека биле прибавени на незаконски начин, Апелација утврди дека Основниот суд Скопје 1 го прекршил Законот за кривична постапка. Во решението на Апелација, јасно се наведува дека со ЗКП е регулиран начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивното создавање или на нивната содржина, што е и правен стандард заради запазување на јавниот интерес.

    Апелациониот суд донесе иста одлука и на 22 септември, кога ја прифати жалбата на СЈО и одлучи дека аудио записите од прислушуваните разговори може да се користат како доказ во предметната кривична постапка во случајот „Триста“, со што беше преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој претходно ги прогласи овие бомби како доказ, за неважечки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира