„КРОАЦИЈА ЕРЛАЈНС“ ЈА УКИНА ЛИНИЈАТА СПЛИТ-СКОПЈЕ ЗА ПРЕТСТОЈНАТА ЛЕТНА СЕЗОНА

    „КРОАЦИЈА ЕРЛАЈНС“ ЈА УКИНА ЛИНИЈАТА СПЛИТ-СКОПЈЕ ЗА ПРЕТСТОЈНАТА ЛЕТНА СЕЗОНАХрватската авиокомпанија предвидуваше вкупно 45 летови во текот на сезоната со авиони од типот „Даш 8 Кју400“. (Фото: ТАВ Македонија)

    Авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“ ја ревидираше својата мрежа на летови за претстојната летна сезона во 2026 година, при што ја прекина сезонската линија меѓу Сплит и Скопје, објави специјализираниот сајт „ЕксЈуЕјвиејшн“. Ова е трета сезонска услуга од Сплит што хрватскиот авиопревозник ја укинува, по претходно најавените суспензии за летовите кон Букурешт и Амстердам.

    Линијата до македонската престолнина беше планирано да сообраќа двапати неделно, во периодот од 8 мај до 9 октомври. Компанијата предвидуваше вкупно 45 летови во текот на сезоната со авиони од типот „Даш 8 Кју400“. Сепак, „Кроација ерлајнс“ продолжува да го поврзува Скопје со Загреб со девет летови неделно, што е на истото ниво како и минатата година.

    Ова беше трет обид на хрватската национална авиокомпанија да воспостави редовна линија меѓу Сплит и Скопје. Првпат летовите беа воведени во летните сезони во 2006 и 2007 година со авион „Ербас А319“. Осум години подоцна, во 2015 година, беше направен втор обид кој траеше само во текот на јуни и јули. Последниот тригодишен циклус на оваа линија беше и најдолгиот период на континуирано поврзување меѓу двата града.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира