КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ЈАСНА МАНДИЌ, ЗАМЕНИЧКАТА НА БОКИ 13, ЗА ИЗМАМА И ПЕРЕЊЕ МИЛИОН ЕВРА НА БИЗНИСМЕНИ ЗА НАВОДНИ СТАРЕЧКИ ДОМОВИ

    КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ЈАСНА МАНДИЌ, ЗАМЕНИЧКАТА НА БОКИ 13, ЗА ИЗМАМА И ПЕРЕЊЕ МИЛИОН ЕВРА НА БИЗНИСМЕНИ ЗА НАВОДНИ СТАРЕЧКИ ДОМОВИЈасна Мандиќ е осомничена за измама и за перење пари, поточно милион евра кои Боки 13 со измама ги зел од бизнисмените Силјан Мицевски и Ардиан Амзоски, убедувајќи ги дека ќе гради домови за стари лица. (Фото: К. Попов)

    Судија на претходна постапка вечерва во Основниот суд Скопје 1 одлучи по барањето на Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска да ѝ одреди куќен притвор на уапсената Јасна Мандиќ, потпретседателка на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13, поради опасност од бегство, уништување на докази, влијание врз сведоци и други основи.

    Русковска вечерва два часа пред полноќ си замина од Основниот суд Скопје 1, оставајќи ја внатре уапсената Мандиќ која се товари за измама и перење пари во износ од засега утврдени милион евра, кои првоосомничениот Боки 13 ги зел со измама од двајца бизнисмени, наведувајќи ги дека ќе ги инвестира во нивна корист за изградба на домови за стари лица.

    „Судијата на претходна постапка остана да одлучи за мерката притвор што ја предложив за приведената осомничена. За другите тројца осомничени побарав мерки на претпазливост: одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиште (Скопје) и еднаш неделно задолжително јавување во судот. Тројцата утре ќе треба да дојдат пред судијата на претходна постапка и за нив дополнително ќе се одлучува“, изјави вечерва Обвинителката Русковска пред да си замине.

    Веднаш потоа, адвокатот на Мандиќ ја соопшти одлуката на судот за определување куќен притвор.

    Денеска Русковска издаде наредба за отворање на истрага против веќе притворениот Бојан Јовановски-Боки 13 за рекет врз Орце Камчев, против татко му Миле Јовановски, Јасна Мандиќ и  нејзината асистентка, како и против потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски за измама, перење пари и помагање во овие кривични дела.

    Русковска кажа дека е издаден е налог за претрес во домовите на тројца осомничени, а дека за оваа истрага немало посебни истражни мерки.

    На новинарско прашање, Русковска рече дека не може да каже понатаму каде ќе ја однесе истрагата и дали таа ќе се прошири и на други лица.

    „Јас не можам да гатам што ќе се случи натаму“, одговори таа на новинарско инсистирање на колку лица би се проширила истрагата.

    За татко му на Боки 13, за Ременски и асистентката на Мандиќ, Русковска кажа дека нема информации оти се избегани од државава.

    За утре Русковска најави дека ќе го напише обвинението за првиот дел на „Рекет“, каде што е осомничена и поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира