КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА СООБРАЌАJНАТА НЕСРЕЌА КАЈ БЛАЦЕ СО ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ

    КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА СООБРАЌАJНАТА НЕСРЕЌА КАЈ БЛАЦЕ СО ТРОЈЦА ЗАГИНАТИВо тешката сообраќајна несреќа кај Блаце викендов загинаа татко, мајка и син од Косово. Единствено се спаси постарот син од семејството. (Фото: МВР)

    Скопското обвинителство побара куќен притвор за 64-годишникот од Скопје, осомничен за тешката сообраќајна несреќа кај Блаце викендов, во која загинаа татко, мајка и син од Косово. Единствено се спаси постарот син од семејството.

    Од обвинителството велат дека имајќи ја предвид возраста и здравствена состојба на осомничениот, но и потребата за негово обезбедување во текот на кривичната постапка, до Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – одземање на пасошот.

    64-годишникот од Скопје е осомничен за кривичното дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

    „Осомничениот 64-годишник од Скопје на 17 јуни управувал со патнички автомобил ‘Фолксваген туран’ со скопски регистарски ознаки на магистралниот пат Скопје – ГП ‘Блаце’ во насока од југ кон север. Кога дошол пред тунелот Бадар, каде сообраќајот е регулиран со сообраќајни знаци поради работа на пат, презел дејствие на претекнување на колона возила кои се движеле во ист правец. Во моментот на престигнувањето, дошло до контакт меѓу неговиот и автомобил ‘БМВ’ со косовски регистарски ознаки, кој се движел како трето возило во колоната која ја престигнувал осомничениот. Како резултат на ударот, автомобилот ‘БМВ’ излегол од коловозот и паднал во коритото на реката Лепенец, при што од возилото успеал да излезе само еден од патниците, а телата на останатите тројца беа пронајдени следниот ден откако автомобилот беше извлечен од водата“, се вели во соопштението на обвинителството.

    Претходно, на осомничениот му беше изречен притвор од 48 часа.

    Од обвинителството додаваат дека во текот на истражната постапка, ќе бидат преземени дејствија, сослушани сведоци и ќе бидат наредени повеќе вештачења за целосно испитување на настанот и на причините заради кои дошло до контакт меѓу двата автомобили.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира