КУРЦ МУ ЧЕСТИТАШЕ НА ЗАЕВ ЗА ДЕМОКРАТСКИ СПРОВЕДЕНИТЕ ИЗБОРИ

    КУРЦ МУ ЧЕСТИТАШЕ НА ЗАЕВ ЗА ДЕМОКРАТСКИ СПРОВЕДЕНИТЕ ИЗБОРИЗаев и Курц имаа неформална средба на маргините на Виенскиот економски форум. (Фото: Влада)

    Австрискиот мандатар Себастијан Курц му честиташе на македонскиот премиер Зоран Заев за големиот успех кој што го оствари владината коалиција во Република Македонија и за демократски спроведените локални избори, за време на денешната неформална средба на маргините на Виенскиот економски форум, соопштија од Владата. Заев, исто така, му ја честитал победата на неодамнешните парламентарни избори на австрискиот министер за надворешни работи и му посакал успех во работата како иден канцелар на Австрија.

    Македонскиот премиер му се заблагодарил на Курц и за континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

    „Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година“, вели Заев.

    Двајцата се согласиле дека Република Македонија и Република Австрија имаат одлични билатерални односи и активна политичка, економска и секторска соработка и се договориле набргу по формирањето на Владата во Република Австрија, на почетокот на идната година, Курц да ја посети Република Македонија за продолжување на успешната соработка меѓу двете држави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира