Трговската размена меѓу Македонија и Германија лани е зголемена за 23,6 отсто. Како што соопшти Владата, ова е рекордното зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
„Согласно официјалните статистички податоци на Сојузното министерство за економија и климатска заштита на Германија, во 2021 година помеѓу двете земји беше остварена трговска размена во вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со минатата година. Извозот од Северна Македонија кон Германија во 2021 година се зголемил за 24,8 отсто во споредба со 2020 година, додека увозот од Германија во Северна Македонија се искачи од 1 милијарда евра на 1,2 милијарди евра, што претставува раст од 20,6 проценти“, велат од Владата.
Како што додаваат од Владата, економската соработка со Германија е на исклучително високо ниво и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на Македонија, со голем број на директни инвестиции на германски компании во земјава.