Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се соочи со бројни критики на западните дипломати на Министерскиот состанок на ОБСЕ денеска во Скопје. Дел од делегациите и ја напуштија салата додека зборуваше Лавров.
Тој во 15-минутниот говор ја повтори тезата на Русија дека за враќањето на војната во Европа е виновна „експанзијата на НАТО на исток“ и го обвини Западот дека го поддржува „неонацистичкиот режим во Киев“. По говорот, тој го напушти состанокот.
По него говореше данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, кој кажа дека обидите на Русија да обвинува други за нејзините постапки се проѕирни.„Нема да правиме компромис со основните принципи на европскиот безбедносен поредок или да ѝ дозволиме на Русија да ѝ забрани на Украина да има своја независна надворешна и безбедносна политика. Тоа се принципи на кои што и самата Русија се согласила“, кажа Расмусен.
Џејмс О’Браен, помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, кажа дека Русија се обидува да ја поткопа работата на ОБСЕ.
„Јас се приклучувам на гласовите на оние мои колеги кои ја повикуваат Русија да прекине со прекршување на основните принципи на организацијата, но не сум сигурен дека тие сакаат да слушнат“, рече О’Браен, кој учествуваше на состанокот на местото на државниот секретар Блинкен, кој вчера си замина од Скопје уште пред да дојде Лавров.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека соработката во ОБСЕ мора дополнително да се зајакне иако Русија поставила огромни пречки на патот на работата на ОБСЕ во последните година и пол, додавајќи дека нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка.
Министерот за надворешни работи на Луксембург Ксавиер Бетел кажа дека Русија со своето однесување уништила сè што било изградено, во културата, политиката, економијата и односите со другите земји.
„Сега блиски пријатели на Путин се Пјонгјанг, Северна Кореја, Сирија… Меѓународната заедница не разбира што се случи. Но, сите гледаме кој е наративот од ваша страна. Да започнеш војна е лесно, но да ја завршиш покажува каков лидер сте. Никогаш не е доцна да видите дека сте направиле голема грешка. Затоа, не можам тука да седам и да го слушам говорот на Лавров“, кажа Бетел.
Прашан за доаѓањето на Лавров во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека тоа не е дипломатска победа на Русија.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на организацијата. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант за обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, рече Ковачевски.
Со седиште во Виена, ОБСЕ е меѓувладина организација воспоставена за промоција на безбедност, стабилност и соработка во Европа. Македонија годинава е претседавач со организацијата.