ДА СЕ ВОВЕДЕ СИН ТЕРМИН ЗА ДА ПАЦИЕНТИТЕ СО МАЛИГНИ БОЛЕСТИ НЕ ЛУТААТ ПО КЛИНИКИ, ПРЕДЛАГААТ ЛЕКАРИТЕ

    ДА СЕ ВОВЕДЕ СИН ТЕРМИН ЗА ДА ПАЦИЕНТИТЕ СО МАЛИГНИ БОЛЕСТИ НЕ ЛУТААТ ПО КЛИНИКИ, ПРЕДЛАГААТ ЛЕКАРИТЕМилица Кузманоска, д-р Глигор Тофоски и д-р Горан Димитров на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Во системот кој го имаме, наш совет е да се воведе т. н. Сина дијагноза, или Син термин, за да може да им се олесни животот на пациентите кои се веќе детектирани со малигни болести, рече денеска проф. д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија и на Македонското лекарско друштво.

    Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО го одбележува 20 Септември, Светски ден за гинеколошки карциноми, и за денес во 18 часот организира панел дискусија „Премостување на предизвиците при дијагноза и лекување на гинеколошките карциноми – каде сме во моментов и каде се движиме. Д-р Димитров и проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО, на денешната прес-конференција говореа за проблемите со кои се соочуваат во здравствениот систем со третманот и дијагностиката на пациентите со малигни заболувања.

    „Наш совет е да се угледаме на некои не многу усовршени земји, не дека се нешто многу богати, туку во тој систем што го имаме да воведеме т. н. Сина дијагноза. Името не значи ништо, туку може да се нарече дека е тоа лоша дијагноза. На пример, имаме пациент кој има малигна дијагноза. Со таа сина дијагноза треба да има термини кои ќе бидат слободни. Јас секојдневно се соочувам со проблеми за закажување, и за дијагностика, и за третман и за дополнителни контроли. За тоа не би требало да има проблем. Тоа е наш предлог, ние не се занимаваме со социјални работи. Имам пациентка со инвазивен цервикален карцином, а не можам да ѝ закажам магнетна резонанца, основната постапка. За нив треба да да има Сини термини“, кажа д-р Димитров.

    Тој вели дека раното откривање треба да биде организирано, масовно, на пример, во оваа година сите жени од 20 до 30 години да се јават, да бидат поканети за ХПВ тестирање.

    Д-р Димитров говореше дека од 2015 на светско ниво се менуваат проколите и дека се препорачува ХПВ скрининг, а не ПАП тест, оти има точност од 99, 9 отсто.

    На новинарско прашање дали поради ковид-пандемијата и неорганизираноста на здравствениот систем ни се случува епидемија на карциноми, д-р Димитров кажа дека и кај нас, и во светот, расте бројот на заболени од рак.

    Причинителите се различни, вели, кај некои е поради ХПВ вирусот, кај некои е генетски, кај некои е поради хормонски влијанија. Се намалува и возрасната граница, вели, последниве десет години имале пациентки на 21, 22 години.

    За закажување превентивен преглед за рана детекција на рак на грлото на матката достапна е веб платформата скрининг.мк. Од април 2022 до крајот на 2022, веб платформата ја искористиле вкупно 17.204 пациентки, од кои за 12.194 пациентки е земен ПАП тест. Со организиран скрининг за 2022 се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. За тековната 2023, вели Министерството за здравство, се продолжува со организираниот скрининг за жени на возраст од 21-59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест.

    „Имаме многу мал опфат на пациентки со овие скрининг програми. Последната информација која ја добивме како Здружение, е дека за жал само 28 отсто од жените се имаат јавено на превентивните скриниг програми на кои треба да се јават или се повикани да се јават. Што не значи дека бројката е толку катастрофална. Целта е да се стигне до оние региони до кои е најтешко. Имаме и парадоксални бројки, некаде во руралните средини застапенсота е помала, но за жал и во урбаните средини, најурбаните општини имаме недостаток од урбана култура, од здравствена едукација“, кажа проф. д-р Тофоски.

    Според Милица Кузманоска од „ФеминаМ“, Здружение за помош и поддршка за пациенти со гинеколошки заболувања, најголем проблем со кој се соочуваат пациентите е е закажување на специјалистички преглед.

    „Нема термин за пациент, за кој има сомнежи кој треба да оди на проверка за ХПВ-вирус. За мамограф, на 1.000 пациенти, матичниот лекар може да закаже само еден. Знаме дека не работат апаратите, дека кажаа ќе се донесат нови. Не е решение да се оди по приватните болници и да се плаќаат големи суми“, кажа Кузманоска, додавајќи дека е од големо значење и одговорноста на народот редовно да оди на прегледи.

    „Друга приказна е дека немаме увид во реалната состојба со карциномите во нашата земја, затоа што имаме стратегија да има регистар за карцином, но во реалноста тоа не функционира“, кажа д-р Тофоски.

    Тој потсети дека во земјава е задолжителна ХПВ-вакцинацијата, која девојчињата ја примаат на 12 години и кажа дека веројатно е дека возрасната граница ќе се продолжи до 19 години, како и дека постои предлог, од следната година да се вакцинираат и момчиња и девојчиња.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира