ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА УКИНУВАЊЕ НА РЕФОРМИТЕ НА ТОДОРОВ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА УКИНУВАЊЕ НА РЕФОРМИТЕ НА ТОДОРОВНовото раководство на Лекарската комора најави дека ќе бара укинување на плаќањето по учинок, што го воведе пред пет години Никола Тодоров, долгогодишниот министер за здравство. - Никола Тодоров на главниот предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора на Македонија ќе бара од новата Влада да го редефинира електронскиот систем за закажување „МојТермин“, бидејќи сега како што е поставен не овозможува лекарите да дадат квалитетна здравствена услуга на пациентите. Ова денес го најави новото раководство на Комората, односно д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на ЛК, д-р Илбер Бесими, заменик претседател на ЛК, кои завчера беа избрани на овие позиции во лекарското еснафско здружение.

    „МојТермин како начин пациентот да има резервирано термин кај лекарот не е лошо решение, но ќе бараме да се ревидира. Сега како што е поставен времето е премногу кусо за да може докторот да му го посвети потребното внимание, а одозгора е обременет со административна работа. Според препораките од Светската здравствена организација првичниот преглед треба да трае 45 минути, а не како сега што е ограничен на 15 минути“, вели д-р Гривчева Старделова.

    Д-р Бесими како пример за лошото функционирање на „МојТермин“ наведе случај во кој ако некој е примен на некоја од клиниките или во болниците и за тоа му е издаден упат, а во меѓувреме се јави друг здравствен проблем кој треба итно да се реши, нема да може пациентот да биде внесен во системот.
    „На пример, ако некој доживеал сообраќајка и за да биде третиран издаден му е упат за во болница, а ако после една недела доживее инфаркт, нема да може да добие упат и да биде внесен во системот“, вели д-р Бесими.

    Новото раководство на комората најави дека ќе бараат укинување на плаќањето по учинок, што го воведе пред пет години Никола Тодоров, кој сега е технички министер за здравство, и за што лекарите тогаш штрајкуваа повеќе од два месеци.
    „Ќе бараме укинување на плаќањето по учинок. Ќе се обидеме да ги задржиме младите доктори во земјава, односно да не одат во странство со тоа што ќе предложиме да се донесе Закон за докторска дејност, со кој јасно ќе биде дефиниран начинот на плаќање на докторите, односно основната плата да биде најмалку две просечни плати“, рече д-р Бесими.

    Д-р Гривчева Старделова најави дека ќе бараат измени и на законските решенија за високо образование на докторите, односно да се ревидира сегашното речение со кое студентите по медицина полагаат интермедијарен испит во втора година.
    „Со сегашните законски решенија измешани се лончињата, и мора да се врати се на свое место. Законот за докторска дејност си поставивме рок од шест месеци да влезе во собраниска процедура, а за ова време да се направи и ревизија на другите законски решенија“, рече д-р Старделова.

    Таа најави дека следната недела ќе излезат со извештај за финансиската сосотојба во комората, која денес ја наследиле со салдо од 45.050 денари. Комората има недоплатени кредити во висина од 684.733 денари, а во 24 општински одбори на сметките има над два милиони денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира