ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ГО ПОДДРЖА ПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТ, И ПРЕДЛАГА ЛЕКАРИТЕ ДА ИМААТ ПЛАТА ОД 60.000 ДО 100.000 ДЕНАРИ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ГО ПОДДРЖА ПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТ, И ПРЕДЛАГА ЛЕКАРИТЕ ДА ИМААТ ПЛАТА ОД 60.000 ДО 100.000 ДЕНАРИ„Синдикатот може забелешки на законското решение да даде на ЕНЕР, бидејќи тоа е легалниот пат да се направат корекции“, вели претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева-Старделова (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора го поддржува носењето на Законот за лекарска дејност, кој во моментов е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, каде е отворен за коментари и не ни се јасни вчерашните реакции на Самостојниот синдикат на клинички центри, рече претседателката на Лекарската комора (ЛКМ) проф. д-р Калина Старделова-Гривчева.

    Синдикатот вчера со соопштение до јавноста реагираше дека предложеното законско решение не е добро и дека ѝ се даваат преголеми ингеренции на Лекарската комора, дека се избришани утврдените коефициенти за основна плата на докторите, како и дека соодветно не е регулирана дополнителната дејност.

    „Комората даде свои забелешки на предложеното законско решение и Синдикатот може да даде свои забелешки преку ЕНЕР. Законот е безмалку три недели отворен за коментари и тоа сè уште може да го направи, бидејќи тоа е легалниот пат да се направи корекција на законското решение ако се незадоволни“, вели Гривчева-Старделова, која не сакаше да ги коментира наводите од Синдикатот дека се даваат преголеми ингеренции на Комората, и додаде: „Нашата цел е да се зачува дигнитетот на струката и статусот“.

    Од ЛКМ велат дека во коментарите кои ги доставиле на законското решение преку ЕНЕР предлагаат и начин за утврдување на основната нето плата на докторите.

    „Вреднувањето на докторската дејност како високо специјализирана дејност од исклучително значење за поединците и општеството во мрежата на здравствена дејност се определува согласно должината на образованието, специјалистичкото односно супспецијалистичкото усовршување и континуирана едукација во смисла на обновување на лиценцата за работа, со основна нето плата. Основната да се утврдува така што просечната плата во републиката се множи коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти, со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти. Вреднување на докторската дејност при утврдување на платата на докторите во приватните здравствени установи се определува фиксен дел и дел по основ на капитација“, велат од ЛКМ.

    Според предлогот на ЛКМ за утврдување на основната нето плата, основната плата на лекарите ќе се движи од 60.000 до 100.000 денари.

    „Го поддржуваме носењето на Законот, а во подготовката на коефициентите учествуваа и докторите од синдикатот и не ни се јасни овие реакции во медиумите. Ова е наш предлог и коефициентите се правени со професор од економскиот институт и таа плата од 60.000 до 100.000 денари не е недостижна“, вели Гривчева-Старделова.

    Од ЛКМ дале коментар и во делот на дополнителната дејност, односно дека во однос на дополнителната дејност, која се  врши и во приватни и во јавни установи и за која се бара либерализација и по хоризонтала и по вертикала да има контролен механизам, односно тело.

    „Се предлага да се има контролен механизам – тело – каде ќе се утврдуваат точните критериуми за вршење на дополнителна дејност, или критериумите, времето кое треба да го помине како специјалист од одредена област и други услови, за да бидат регулирани со подзаконски акт, да бидат одредени од секоја специјалност посебно. Цените на услугите да се определуваат спрема пазарот. Времето да се усогласи со одредбите од Законот за работни односи“, велат од ЛКМ.

    „Досега сме имале добра соработка и разбирање при изработка на законските решенија и веруваме дека и за ова законско решение ќе биде така“, вели Гривчева-Старделова.

    Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати кажа дека барањето на лекарите од примарната здравствена заштита за зголемување на капитацијата ќе се разгледува од следната година, а минатата недела тој изјави дека кон крајот на оваа година ќе стават фокус на унапредување на примарната здравствена заштита.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира