Лекот против згрутчување на крвта „еноксапарин“, еден од двата лека популарно познати како „клексан“, би требало до пред Нова година да го има во аптеките, на позитивната листа на лекови, рече вчера директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
Клековски на 31 октомври најави дека лековите против згрутчување на крвта „еноксапарин“ и „надропарин“, од крајот на ноември ќе бидат на позитивната листа на лекови. Овие лекови може да се користат како продолжено домашно лекување, по амбулантско или болничко лекување.
Директорот на Фондот вчера рече дека министерот за здравство Азир Алиу го потпишал решението за „еноксапарин“.
„Значи, оваа недела би бил кај нас на Управен одбор за одобрување, па објавување во Службен венсик, значи би требало за 10-тина до 15 дена за да го има во аптеките. А со ‘надропарин’ имаме проблем кој малку ќе ја одолговлечи постапката. Излезе дека производителот го има регистрирано лекот само за Ха- употреба (болничка употреба), иако се издава во аптека, што ми е нелогично, и Комисијата инсистираше прво да се смени регистрацијата во МАЛМЕД пред да се одобри“, кажа Клековски.
Овие лекови досега беа на позитивната Б листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундација.
„Наскоро, овие два лека ќе бидат достапни во аптеките на рецепт. Тука имаме двојна добивка, граѓаните, пациентите нема да мора да одат по шалтери за да ги рефуднираат средставата за овие лекови. А второто е дека ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентрираме на други прашања. Ова е уште еден чекор на префрлање на лекови од болничката на аптекарската листа, а ќе следат и нови чекори. Јас веќе најавив дека во оваа фаза се антикоагуланси, бидејќи третираат еден широк спектар на лица кои имаат потреба“, кажа Клековски на 31 октомври.
Во зависност од дозата, досега ампула „клексан“ чинеше над 200 денари, а се подигнува со извештај од специјалист. Клековски рече дека сѐ уште не се знае колку ќе чини партипацијата на граѓаните, бидејќи се во преговори со фирмите кои се дистрибутери.
Позитивната листа на лекови, односно лекови на товар на ФЗО, последен пат беше ревидирана лани во август, откако претходно 13 години не беше обновена. Лани на листата на позитивни лекови беа додадени 9 нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, антиагреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.
Б. НЕСТОРОСКА



