Испораката на лекот „радијод“ кој им треба на пациенти оперирани од тироидна жлезда ќе доцни 7 дена и наместо на 20 јули како што беше најавено, во земјава ќе стигне на 27 јули, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На 9 јули објавивме дека околу 15 пациенти со проблеми на тироидна жлезда од март го немаат примено лекот „радијод“ , чекаат за да ја добијат оваа терапија, а чекаат и радиоизотопи за дијагностика, откако до нашата редакција стигнаа реакции од граѓани кои се оперирале од штитна жлезда, дека од март не можат да се снабдат со потребниот лек „радијод“ и дека им се загрозени животите.
Тогаш од Министерството ни одговорија дека од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина ги информирале оти прекинот во испораката на радиоизотопи започнал со затворањето на аеродромот поради коронакризата кон средината на март, и дека од 13 јули ќе пристигне првата пратка на изотопи за дијагностика, а од 20 јули и на „радијот“.
Граѓаните денеска повторно реагираа дека не е стигнат лекот „радијод“, а од Министерството ни одговорија дека од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина се информирани дека изотопот за дијагностика пристигнал точно на 13 јули 2020 и пациентите за скенирање се повикуваат секој ден.
„Испораката на ‘радијод’ која беше најавена за 20 јули е одложена за 27 јули, како што е соопштено денес од фирмата увозник ‘Биотек’. Причината за ова е тоа што ‘Аустријан ерлајнс ‘ не лета за Скопје и пратката е останата во Виена. Тие прават максимални напори да се најде алтернативен начин за испорака“, велат од Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА