ОПЕРИРАНИ ПАЦИЕНТИ 5 МЕСЕЦИ ЧЕКААТ РАДИОИЗОТОПИ И ЛЕКОТ „РАДИЈОД“ ЗА ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ЌЕ СТИГНЕ НА 20 ЈУЛИ

    ОПЕРИРАНИ ПАЦИЕНТИ 5 МЕСЕЦИ ЧЕКААТ РАДИОИЗОТОПИ И ЛЕКОТ „РАДИЈОД“ ЗА ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ЌЕ СТИГНЕ НА 20 ЈУЛИСпоред Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, фирмите застапници со кои Институтот има договор не биле во можност да обезбедат испорака заради спецификата на транспортот на самите изотопи. - Возило на Брза помош во Клиничкиот центар. (Фото: К. Попов)

    Околу 15 пациенти со проблеми на тироидна жлезда од март го немаат примено лекот „радијод“ и во моментов чекаат за да ја добијат оваа терапија, а чекаат и  радиоизотопи за дијагностика, потврдија од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. До нашата редакција стигнаа реакции од граѓани, кои се оперирале од штитна жлезда, дека од март не можат да се снабдат со потребниот лек „радијод“ и дека им се загрозени животите.

    Од Министерството ни рекоа дека од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина ги информирале оти прекинот во испораката на радиоизотопи започнал со затворањето на аеродромот поради коронакризата кон средината на март, и досега фирмите застапници со кои Институтот има договор не биле во можност да обезбедат испорака поради спецификата на транспортот на самите изотопи.

    „Имаат потврда дека од 13 јули ќе пристигне првата пратка на изотопи за дијагностика, а од 20 јули и на ‘радијот’ за терапија. ‘Радијодот’ по операција на штитната жлезда не е задолжително да се даде веднаш, може и по неколку месеци по операцијата. Давањето подоцна не го загрозува животот на пациентот. Во моментов има околу 15 пациенти кои треба да ја добијат оваа терапија, и истите сукцесивно ќе ја примаат ако испораките течат нормално“, ни одговорија од Министерството за здравство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира