Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ ја почна кампањата „Лек за ХИВ“ во чест на 1 Декември, Светскиот ден за борба против СИДА, со цел да се променат перцепциите за ХИВ и заблуди во нашето општество. Оттаму велат дека кампањата ги истакнува клучните елементи неопходни за околина ослободена од стигма и предрасуди кон луѓето што живеат со вирусот, каде што независно од својот ХИВ статус, тие ќе можат да живеат здраво и со целосно уживање на своите права и достоинство.
„Реалноста да се живее со ХИВ е драстично сменета од почетокот на епидемијата до денес. Напредокот, како резултат на пристапот до современи високоефикасни тераписки опции во последните децении на луѓето што живеат со ХИВ им овозможува долг и квалитетен живот. За жал, стигмата и дискриминацијата сè уште претставуваат сериозни предизвици со кои секојдневно се соочуваат овие граѓани – на работа, во односите со околината, а особено кога одат на лекар. Покрај тоа, проблем претставува ненавременото тестирање за ХИВ, поради што многу луѓе доцна почнуваат со терапија. ‘Лекот за ХИВ’ не чини многу; тој вклучува: едукација, поддршка, заштита и тестирање и лекување“, вели Здружението.
Здружението утре ќе го одбележи Светскиот ден на СИДА, со добротворна забава во барот „Сома“ во Скопје од 20 часот.