Членот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски, кому Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорача јавно да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска зашто ја дискриминирал и ја ставил во понеповолен статус од останатите обвинители, нема намера да го стори тоа.
Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ни изјавија дека во рокот од 30 дена кој истече, не стигнало известување од Јолевски дека постапил по препораката. Според законот за заштита и спречување од дискриминација, непостапување по препораките на Комисијата, повлекува последица пријава пред надлежен суд против тој што не постапил, и парична казна.
Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Јолевски ќе ја тужи КСЗД пред Управниот суд, затоа што според него, одлуката не ѝ е во ред.
Но, обвинители и членови на КСЗД велат дека нема законска можност за обжалување или за приговори против препораките и мислењата што ги носи, затоа што тоа се експертски мислења и се заштитени со Законот за спречување на дискриминација.
Судии од Управниот суд со кои разговаравме упатуваат на тоа дека судот еднаш веќе се изјасни дека нема надлежност, ниту право да одлучува по жалба против одлука на КСЗД.
Од КСЗД пак, потсетуваат дека затоа и под нејзините одлуки и препораки, нема „правна поука“.
„Затоа поднесов тужба против комисијата, а не жалба против одлуката“, вели обвинителот Јолевски.
Коалицијата „Сите за правично судење“ вчера изрази загриженост и реагираше дека на седницата на Советот на јавни обвинители на која се разгледувало мислењето, односно препораката на КСЗД за Јолевски во случајот Ленче Ристоска, членовите ја навредувале Комисијата.
„На вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, под точка разно, се дискутираше за доставено мислење од страна на КСЗД, со кое мислење се утврдува дискриминација во постапката за избор на јавен обвинител во повисоко јавно обвинителство. Во мислењето воедно од страна на КСЗД е дадена препорака поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители јавно да се извини за сторена дискриминација. Коалицијата ‘Сите за правично судење’ изразува сериозна загриженост, бидејќи во овој дел на седницата, од страна на членовите на Советот на јавни обвинители беа изнесени деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беше истакнато дека мислењето нема да биде земено предвид и дека истото ќе биде оспорено пред Управниот суд“, соопшти вчера Коалицијата.
„Сите за правично судење“ смета дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето.
„Ваквото поведение на Советот на јавни обвинители е видено и неколку пати во минатото, кога има изнесено вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти“, реагира Коалицијата.
Одлуката КСЗД ја донесе на 12 декември. Комисијата утврди продолжена, потешка и директна дискриминација од страна на Советот врз Ленче Ристоска, врз основа на лично својство и општествен статус.
Комисијата утврдила потешка форма на дискриминација во два наврата, односно на два огласа на кои обвинителката се имаше пријавено за избор во Вишото јавно обвинителство Скопје. Првото објаснување беше дека била млада (додека на истата седница Советот унапреди и помлади од неа). На вториот оглас, Советот измисли проблем кај Ристоска дека била на породилно отсуство, со што, како што констатира Комисијата, повторно ја дискриминира Ристоска, ја понижува во однос на другите кандидати, ја прави нерамноправна зашто била бремена (иако унапредува други бремени и породени обвинителки) и повторно не ја избираат во Вишото скопско обвинителство.
Јолевски вели дека никаде не рекол оти не гласа „за“ унапредување на Ристоска оти била бремена, туку дека немала резултати во работењето.
Ристоска беше на патолошка бременост, со близнаци.
С. К. ДЕЛЕВСКА