ЛГБТИ ЛУЃЕТО ПАК СЕ БЕЗ ЗАШТИТА, УКИНАТ ЗАКОНОТ ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА КОЈ ЗА ХОЛАНДИЈА БЕШЕ УСЛОВ ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ

    ЛГБТИ ЛУЃЕТО ПАК СЕ БЕЗ ЗАШТИТА, УКИНАТ ЗАКОНОТ ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА КОЈ ЗА ХОЛАНДИЈА БЕШЕ УСЛОВ ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУЛани на осмомартовскиот марш првите луѓе од владејачкото мнозинство побараа итно носење на Законот за заштита од дискриминација. (Фото: СДК.МК)

    Поради превид на собраниските служби и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа и на службите на претседателот Стево Пендаровски, Уставниот суд вчера го укина Законот за антидискриминација, без кој Холандија не сакаше да даде согласност за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

    Жестока реакција низ која провејува и нескриен страв и неизвесност дека работите ќе се вратат на старо, објави Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Со укинување на законот, ЛГБТИ луѓето пак се без никаква заштита од дискриминација за право на работа, здравствени услуги, слободно сексуално определување.

    Со овој закон беа опфатени сите маргинализирани групи во општеството, не само ЛГБТИ популацијата и токму на тоа се однесува нивната силна вчерашна реакција.

    „Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, и покрај тоа што ја очекуваше, со големо разочарување ја прими веста за одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација, која беше донесена на седницата одржана на 14.5.2020 година. Оваа одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата поднесена од страна на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на Законот, бидејќи закон беше донесен без потребното мнозинство кое е уредено со член 75 од Уставот“, вели таа, а вината и одговорноста за оваа одлука смета дека е во пратениците, особено владејачкото мнозинство кое предизборната кампања ја засноваше на градењето на едно општество за сите и ни ветуваше унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.

    Одговорноста ја адресираат и кај Талат Џафери и кај Стево Пендаровски, кои морале да знаат дека законот е донесен спротивно на Уставот.

    „Пораката која ја испративте до ЛГБТИ луѓето, но и до другите групи на ранливи, различни, понижувани и обесправени граѓани како Ромите, сиромашните, политички неподобните, луѓето со попреченост, жените и работничките е дека нивните права и животи се неважни. Ние немаме политичка моќ, ние немаме пари, ние не можеме да ви донесеме гласови на избори, но не сметаме дека тоа е предуслов за да ни овозможите достоинствен живот кој ни го должите со самиот факт што постоиме“, пишува Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

    Но, на крајот сепак ги потсетува институциите дека и покрај укинувањето на законот имаат обврска да ги штитат ЛГБТИ луѓето од дискриминација и со нив да постапуваат достоинствено и еднакво.

    Уставниот суд го укина законот зашто откако поранешниот претседател Ѓорге Иванов одби да го потпише и тој повторно беше гласан во Собранието, пак беше донесен со мнозинство од присутните пратеници, иако со враќањето добил „тежина“, односно потреба да се донесе по вторпат со просто мнозинство (најмалку 61 пратеник). Наместо со 61, по вторпат законот беше донесен со помалку од 61 глас.

    Потоа неуставно донесениот закон по вторпат, беше однесен кај новиот претседател Стево Пендаровски заедно со купишта други закони за кои Иванов одбиваше да ги потпише указите. Без да забележат и службите кај Пендаровски, му го дале таков неуставно донесен да го потпише.

    Министерката за правда Рената Дескоска за укинатиот закон напиша на Фејсбук:

    „Од денеска за жал немаме Закон за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи Уставниот суд го укина. Со оваа одлука не се враќа претходниот закон во живот, а се укина новиот закон од 2019 година. Затоа прва задача на новото Собрание мора да биде носење на овој клучен закон“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира