ЛИМИТОТ ЗА ПЛАЌАЊЕ КЕШ ЗГОЛЕМЕН ОД 500 НА 3.000 ЕВРА

    ЛИМИТОТ ЗА ПЛАЌАЊЕ КЕШ ЗГОЛЕМЕН ОД 500 НА 3.000 ЕВРАВо образложението на групата пратеници подносители на измените на Законот за спречување перење пари усвоени на 27 декември, се вели дека постојната регулатива за плаќање во кеш до 500 евра ги ограничува граѓаните и им создава дополнителни обрвски. (Фото: СДК.МК)

    Наместо 500 до 3.000 евра плаќање кеш, се дозволува со измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Измените беа усвоени по скратена постапка на собраниската седница одржана на 27 декември, а се по иницијатива на група пратеници. Подносители на предлогот да се зголеми лимитот за плаќање во готово беа пратеницте Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, Александар Филиповски, Агим Муртезанов и Мирослав Јованов. За измените гласаа 54 пратеници, немаше против и воздржани.

    Министерството за финансии, заради намалување на сивата економија напрво го намали прагот за плаќање во готово од 15.000 на 2.000 евра. На први јануари 2019 тој праг се намали на 1.000 евра, а од јуни на 500 евра. Тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски кажа дека примената на оваа мерка е една од причините за позитивниот извештај на Европската комисија во областа на борбата со сивата економија.

    „Во Законот за спречување перење пари го намаливме лимотот на кеш плаќање, што е една од посилните мерки“, рече лани ексминистерот за финансии Драган Тевдовски.

    Во образложението на групата пратеници подносители на измените се вели дека постојната регулатива ги ограничува граѓаните и им создава дополнителни обврски.

    „Утврдената одредба, во периодот од нејзината примена од 1 јуни 2019 година до денес, предизвика ограничувања за голем број на граѓани кои согласно со своите потреби, правото за плаќања во готовина за стоки и услуги за износ поголем од 500 евра во денарска противвредност не можат да го искористат заради ограничувачката одредба, која наметнува дополнителини обврски за граѓаните. Поради ограничувачкиот законски износ, во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните потребна е предметната измена на Законот и нејзино усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унија како што се Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други“, се вели во образложението на пратениците.

    Измените на Законот ќе стапат на сила со објавувањето во Службеник весник.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира