ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД ЗА ПРВПАТ ДОБИЈА МАТЕРИЈАЛИ НА БРАЈОВА АЗБУКА ЗА ЗАШТИТА ОД ГРИП И ЗДРАВ ЖИВОТ

    ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД ЗА ПРВПАТ ДОБИЈА МАТЕРИЈАЛИ НА БРАЈОВА АЗБУКА ЗА ЗАШТИТА ОД ГРИП И ЗДРАВ ЖИВОТМатеријалите беа промовирани во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“  Скопје, со чија помош се изработени. (Фото: Училиште „Димитар Влахов“)

    Лицата со оштетен вид во земјава за првпат добија промотивни материјали за заштита од грип, здрава исхрана и физичка активност од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), адаптирани на Брајова азбука. Материјалите беа промовирани во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“  Скопје, со чија помош се изработени.

    „Целта на Институтот,  покрај тоа што се грижи за јавното здравје, е да ги направи своите услуги достапни за сите граѓани, да се создава општество без бариери и со овие материјали, лицата со оштетен вид конечно веќе нема да бидат дискриминирани“, ни изјави директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.

    Директорката на Училиштето Александра Јаковчевска вели дека сега нивните ученици ќе имаат подостапни информации за заштита од грип, здрава исхрана и физичка активност.

    „Нашата мисија е јасна – сите институции да станат подостапни за лицата со оштетен вид“, објави Јаковчевска на Фејсбук.

    Д-р Андоновска ни рече дека на предлог на училиштето „Димитар Влахов“ ќе почнат кампања со која ќе ја подигнат свеста дека предвреме родените бебиња треба во првите 2 месеца да бидат прегледани од офталмолог, бидејќи тоа е клучен период по престојот во инкубатор да се забележи дали има оштетувања на видот.

    Според последниот извештај на ИЈЗ објавен на 8 февруари, во текот на петтата недела од 2025 година, во Македонија се пријавени 3.036 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, за 61,7 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петтата недела од минатата сезона, е зголемен за 83,7 отсто“, се вели во извештајот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира