ЛОКАЛОТ КАДЕ ШТО ПЕЕЛ АЦА ЛУКАС, ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА 200 ЛУЃЕ, А ИМАЛО 700, НЕ ДОЗВОЛУВАМ КОЧАНИ-СЦЕНАРИО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИ МИТКО ЈАНЧЕВ

    ЛОКАЛОТ КАДЕ ШТО ПЕЕЛ АЦА ЛУКАС, ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА 200 ЛУЃЕ, А ИМАЛО 700, НЕ ДОЗВОЛУВАМ КОЧАНИ-СЦЕНАРИО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИ МИТКО ЈАНЧЕВ„На 14.11. барањето за концерт беше одбиено, а сопственикот за тоа беше писмено и усно информиран", кажа денеска Јанчев (Фото:СДК.МК)

    Настапот на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот, вели градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев. Тој објави дека локалот има капацитет од 200 гости, а внатре имало 700.

    „Нема да дозволиме Кочани-сценарио. Безбедноста е прва”, вели Јанчев.

    Инцидентот се случи во петокот по полноќ, кога полицијата заедно со инспекции од повеќе институции влегла во угостителскиот објект каде што настапувал Лукас. Набргу по контролата, пејачот бил приведен во полициската станица.

    Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите не се безбедни.

    “Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран”, рече Јанчев.

    “Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине”,  кажа Јанчев.

    Тој додаде и дека ангажманот на пејачот не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што е дополнителен прекршок.

    Лукас настапил без дозвола, по што доби казна и прекршочна пријава.

    Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија интервенцијата.

    “Констатиравме дека Аца Лукас настапувал без потребната дозвола. За тоа му е изречена парична казна, а поднесена е и прекршочна пријава”, соопштија од МВР.

    Контролата ја извршиле полициски службеници од Кавадарци, инспектори за странци, пазарен инспекторат, трудов инспекторат и Управа за јавни приходи.

    Настапот бил веднаш прекинат, а Лукас бил приведен околу десет минути по полноќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира