Германската авиокомпанија „Луфтханза“ одлучи да ги одржува летовите помеѓу Франкфурт и Скопје во текот на целата зимска сезона, иако со значително намален распоред, објави порталот „Екс ју авијација“.
Авиокомпанијата во мај годинава одлучи да ги суспендира летовите од 1 февруари до 28 март 2026, за време на зимскиот распоред 2025/26, кој трае од 26 октомври до 28 март. Сепак, според објавата, оваа недела „Луфтханза“ ги ревидирала своите планови и закажала три лета неделно Скопје-Франфурт, кои ќе се реализираат во понеделник, петок и недела во текот на февруари и март, што е намалување во споредба со десетте летови неделно во тие месеци оваа година.
На линијата ќе лета авион „ербас А319“. Според тековниот распоред на Луфтханза, авиокомпанијата планира да извршува десет неделни летови во ноември и декември, по што ќе следат седум неделни ротации во јануари. Јануарскиот распоред нема да вклучува дневна услуга, туку два лета во одредени денови од неделата.
„Луфтханза“, како корисник на субвенции од македонската Влада, ја опслужува линијата Скопје-Франкфурт од 23 април 2023 и таа година превезе 73.456 патници, а во 2024 година 105.653. Субвенциите траат до 30 декември 2025. „Луфтханза“ не се соочува со директна конкуренција за оваа линија, но нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ одржува летови од Скопје до Хан, оддалечен околу 125 километри од главниот аеродром во Франкфурт.
Министерството за транспорт на почетокот на месецов најави пет нови авиолинии од Скопскиот аеродром. Со „Визер“ од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн. Се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.
Во првата половина од годинава од Скопскиот и Охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници што е зголемување за 5 проценти, односно 11 проценти.